Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Декларација на ЦК до владите на Големите сили за причините за кревање на востанието

Со објавувањето на востанието Централниот комитет, преку своите задгранични претставници, до владите на Големите сили ја испрати и публикува во странскиот и бугарскиот печат следната:

Декларација

Неказнетите насилства на муслиманите и систематските гонења на администрацијата, ги дотераа христијаните од Македонија и Одринско до неопходноста да прибегнат кон една масовна вооружена одбрана. Тие ја прегрнаа таа крајност, откако ги исцрпија сите мирни средства, за да го предизвикаат мешањето на Европа во духот на договорите, кои ги договараат за положбата на тоа население. Таа интервенција останува и до сега како единствено средство, за да се отстрани злото и да се запре проливањето на крв. Бидејќи неуспешните палиативни мерки, преземани до сега од Европската спогодба, за да се подобри турскиот режим, доведоа само до едно засилување на муслиманскиот фанатизам и на државниот притисок — станува очигледно, дека таа интервенција може да биде ефикасна само, ако претходно би имала и непосреден резултат:

1. Назначувањето, со согласност на Големите држави, на еден главен управник-христијанин, кој никогаш не й припаѓал на турската администрација и независен при исполнување на неговите должности од Високата порта.

2. Установувањето на една меѓународна колективна контрола, која би имала широки права на санкционирање.

Кога ги доведува до знаење причините, коишто го предизвикаа очајничкиот акт на востанатото население, како и мерките, коишто можат да ги запрат неговите последици, Втрешната организација ја отфрла од себеси целата одговорност и изјавува, дека таа ќе ја поддржува борбата до целосното постигање на својата цел, црпејќи ја енергијата во свеста на својот долг и во симпатиите на цивилизираниот свет.

<<Назад | Почеток