Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Штабот на револуционерните сили ја издава и следната Прокламација [1]

„СЛОБОДА ИЛИ СМРТ“
Штаб на крушевските востаници
1903 година
ПРОКЛАМАЦИЈА
До турскиот народ во Крушевска околија

„Браќа земјаци и мили комшии!

Ние, вашите вечни комшии и познаници од убавото Крушово и неговите китни села, без разлика на вера и народност, не можејќи повеќе да трпиме тиранијата на жедните за крв и гладните за чоечко месо муртати што гледаат и нас и вас да дотераат до нож, и нас и вас да дотераат до питачки стап, и нашата мила и богата земја да заприлегат на пустиња, денеска дигнавме глава и решивме со пушка да се браниме од тие наши и ваши душмани и да задобиеме слобода. Вие мошне арно знаете оти ние не сме лоши и разбирате дека од мака си ја кладовме главата во торба, за да заживееме човешки или пак да умреме јуначки!

Бидејќи од дедо прадедо си живееме како браќа на оваа земја, ние ве имаме свои и сакаме до крај да останеме свои.

Ние не дигнавме пушка против вас. Тоа би било срам за нас. Ние не дигнавме пушка против мирниот, трудољубивиот народ што се прерануе како нас со крвава пот - тој ет наш брат и со него сме живееле и пак сакаме да живееме. Ние не излеговме да колиме и да палиме, да крадеме и да грабиме.

Доста ни се зулумите на безбројните дерибеи по нашата сирота и окрвавена Македонија. Ние не изглеговме да ги порисјанчуеме вашите мајки и сестри, жени и ќерки. Ние не сме муртати, а револуционери под клетва да умреме за правото и слободата. Ние се бунтуеме против тиранијата и ропството, против муртатите, против зулумџиите, против насилниците на нашата чест и против оние што ни ја смукаат нашата пот и експлоатираат нашиот народ. Од нас и од нашите села да не се плашите, никому зијан нема да сториме.

Ние ве жалиме како свои браќа, бидејќи разбираме оти и вие сте робои како нас: робои на царот и на царските бегои, ефендии и паши, робои на богатите и силните, робои на насилниците и зулумџиите што ја запалија царштината од четири страни и што не дотераа нас да дигнеме глава за право и слобода и за човешки живот; ве каниме и вие да дојдете да водите борба, да ги скршиме синџирите на робството, да се куртулисаме од маки и страданија! Елате при нас браќа, да си слееме душите и срцата и да се спасиме, та и нашата челад да живее мирно и спокојно, да си работат и напредуват.

Мили наши комшии! Како Турци, Арнаути и муслимани, ние разбираме дека вие си мислите оти царството е ваше и оти вие не сте робои штом на царскиот бајрак нема крст а има месечина. Оти нее така и оти грешите, вие брзо ќе се сетите и ќе го разберете. Ние самите ќе се бориме и за вас и за нас и ако е потребно до еден ќе умреме под бајракот на нашата и вашата слобода. Слобода или смрт е напишано на нашите чела и на нашиот крвав бајрак и нема веќе враќање назад.

Нека биде благословена светата борба!

Нека се живи борците за правото и слободата и сите чесни македонски синои!

Ура за автономијата на Македонија“.

1. Всушност станува збор за Крушевскиот манифест упатен до муслиманското население во Крушевска околија на 6 август 1903 година.

<<Назад | Почеток