Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Окружно писмо на Тодор Александров со задачи и препораки од 28 јуни 1920 година

„До членовите на В. М. Р. Организација
во Македонија
и до нејзините истомисленици зад границата.

По тешката голема војна (1914-1918 год.), којашто им причини многу пакости и несреќи на речиси сите народи во државите-победителки, победени и дури и неутрални — особено на народите во цела Европа — нашата многунапатена херојска татковина Македонија остана пак поробена и распарчена. И покрај програмата за траен мир во Светот, прогласена од претседателот на Сев. Американските соединети држави и прифатена од големите сили на Спогодбата, програма, изразена главно во познатите 14 точки — новото политичко евангелие на народите — при определувањето на судбината на Македонија гласот на нејзиното храбро и измачено население не беше слушнат, ниту пак беше почитувана неговата волја, изразена со толку херојски борби. Но... « не се гаси тоа што не гасне » !

Борбата за ослободувањето на Македонија ќе се продолжи, додека се извојува бар автономно управување за трите делови на таа област, сега распарчена меѓу Србија, Грција и Бугарија. Таа цела, обединета, независна или автономна Македонија може да биде поставена под покровителството на Советот на Општеството на народите или на една од големите сили, членови во него, или дури може да влезе во Југословенската држава, како рамноправен член во една федерација, ако Србите го прифатат федеративното управување во новата држава.

Внатрешната Организација во својата желба да олесни извојување на подобно автономно управување за Македонија, ако е возможно по легален начин — без жртви, без револуции и војни — реши за сега да ги поткрепи сите здруженија и партии од Македонија, како и сите политички партии во др. области на Српско-хрватско-словенската држава, коишто се борат за извојување на федеративно управување во Југославија, кога секоја област се управува самостојно и влегува како рамноправен член во федерацијата.

За постигање на горната цел, се повикуваат сите членови и симпатизери на Орг. да работат во следниот дух:

1). При општинските избори, кои ќе бидат на 22 август о. г., сите коишто имаат право на глас, да го дадат својот глас за претходно определени добри свои сограѓани или соселани, коишто ќе може да ги заштитуваат најдобро интересите и правата на населението и да го олеснат добивањето на изборите за пратеници.

2). Кога ќе се прават изборите за основачкото народно собрание (основачката скупштина), сите избирачи да гласаат за најдостојните месни народни водачи, што останале да живеат тука, коишто ќе можат најдобро да се борат во основачката скупштина, заедно со сите хрватски, словенски, босански и др. пратеници, коишто ја преследуваат истата цел, за извојување на федеративно управување во Југославија.

3). Ако српската шовинистичка власт попречи, и не дозволи да се изберат за пратеници месни водачи, сите избирачи да го дадат својот глас за комунистите, под услов тие да прифатат во прво време да се борат за федеративно управување и за применување на договорот за малцинствата.

4). Првенците во градовите и селата кадешто порано имало бугарски училишта, грабнати од Србите и претворени во српски или затворени, да поднесат барања до владата во Белград, со преписи до советот на Општеството на народите и до полномошните министри на Сев. Американските соединети држави, на Англија, Франција, Италија, Јапонија и др., со коишто барања да се бара враќањето на тие училишта на населението, за децата да учат на родениот мајчин јазик, како и за применувањето на „Договорот за заштита на малцинствата во Српско-хрватско-словенската држава“, којшто договор е изработен од државите на Спогодбата, и прифатен од Југославија (тука Ви се приложуваат неколку отпечатоци од тој договор за раководење, како при составување на барањата, така исто и при понатамошната работа за неговото применување).

Пожелно е барањата да се поднесат поскоро и истовремено од повеќе градови и села, откако се согласат, ако е возможно, тоа истото да го направат и турските, влашките др. малцинства, кадешто има такви.

Ако таа легална борба не успее, настаните ќе не научат што да правиме понатаму.

Големата војна не е се уште завршена. Руската советска република води војна на сите страни, покрај другите свои цели, уште и против насилничките договори, изработени во Париз. Турците во Тракија и Анадолија исто така се фатиле за оружје и се во војна со Грција и дури со Англија и Франција против несправедливиот мир, кој сакаат да им го наложат. Освен Русија и Турција, незадоволни од пропишаните жестоки, несправедливи и насилнички договори за мир на победените држави, како и на целите народи на победените држави се Германија, германска Австрија, Унгарија и Бугарија, исто така и голем дел од населението во државите победнички и неутрални.

Создадената положба е толку нетрајна, што се возможни секакви и брзи изненадувања.

Од нас се бара само сплотеност, упорност, тврдост и вредна работа, за да се изведе борбата до близок и успешен крај - да изгрее пак сонцето на слободата над нашата поробена татковина Македонија.

Со мн. Срдечни поздрави,
Чл. Од Ц.К. на Орг.
Богдан

Македонија,
28/VI 920 год.“

<<Назад | Почеток