Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Распис на Главниот штаб до сите реонски, окружни и селски раководители

(амблем)
ГЛАВЕН ШТАБ
на
II МАК.-ОДР. РЕВ. ОКРУГ
10. XII. 903 г.

До реонските, окружни и селски револуционерни началници [1]
Во................................

Браќа и другари,

Во сите нас се сe уште пресни пријатните спомени од бурното време, кое што нашиот народ го преживеа во последното лето, уште понезаборавни ќе бидат тие за идните поколенија, потсетувајќи ги секогаш за она големо дело, кој не постави во редовите на достојните народи за слобода. Тоа е прв пат, кога нашиот народ јасно виде дека и тој може биде силен и дека од самиот него зависи прекинувањето на ропските синџири.

Ретко биле такви моменти, кога нашиот народ бил така сплотен и така опасен за нашиот непријател, како во последно време. На дадениот позив, ние сите се видовме собрани околу револуционерното знаме и докажавме дека не сакаме веќе да бидеме робови. Нашите симпатизери во Европа продолжуваат да се восхитуваат од нашата херојска борба, со којашто го изненадивме цариградскиот џелат. Неопислив беше тогаш стравот на непријателите, кои за долго време не се решаваа да влезат во отворена борба. Оѕверени од нивните неуспеси против востанатите борци, тие со бес се фрлија врз незаштитениот Бугарин: ги грабаа и гореа нашите села, ги убиваа жените и децата, со цел да не задушат, но жестоко се измамија. Наместо веѓи — си ги извадија очите. Настанатите несреќи од нивните варварски дејствија предизвикаа сочуство кон нашиот народ кај сите човекољубиви срца во Европа и далечна Америка. Целиот просветен свет се огорчи од жестокоста на непријателот и побара интервенција на Европа. Самите влади не можеа да останат рамнодушни пред крвавите сцени, вршени пред нивните очи од султановата војска. Речиси сите јавно го осудија непријателот за неговите нечовечки дела и бараа конечно да завршат со прашањето во полза на нашиот народ, а ако не спречи, некои сили прифаќаа сами да го спроведат.

Плод на таквите грижи се прогласените реформи од нив само на хартија, кои со ништо не ги отстрануваат вековните пакости на турскиот режим. Не станува ни збор дека нашиот народ не може да биде задоволен од тие мерки, затоа што се ништожни пред целта, којашто ја гониме. Секој знае дека ние не се бориме за жандарми и падари, туку за отстранување на нашиот омразен турски терор. Да му наведнеме глави одново на душманот, тоа би било големо предавство пред дадената клетва, предеавство пред крвта на нашите браќа и останатите без покрив мајки и сестри. Слично предавство ние нема да направиме, особено не сега, кога цела Европа го признала нашето право и сме го довеле непријателот до гробот. А тој, притиснат однадвор, истоштен материјално, тој, — кажуваме,— уништен е и духом и одвај се крепи. Уште еден удар — и тиранинот е уништен. Тој удар ќе го нанесеме — од нас тоа се бара. Ние ќе го исполниме заветениот збор и нема да го оставиме непријателот да ја пакости и погазува нашата татковина. Ќе го развиеме револуционерното знаме, свиткано есенва, за да блесне одново при поблагопријатно време. А тоа време е наблизу. И кој од нас во овој момент ќе го заборави татковиот гроб, мајчиниот плач, тагите на нашите сестри - вдовици, и нашиот долг кон нив? Кој доблестен син ќе ги прости новите гробишта и ќе замиже пред нови страдања? . . .

На одмазда братко! На одмазда не вика поруганата чест на народот! Верните синови на Македонија нема да останат глуви кон овој свој глас, тие нема да ја изневерат нашата девиза:

„Смрт или слобода!“

Од штабот

1. Пет месеци по прогласот, со кој што го беше поканил народот кон востание и два месеци по наредбата за демобилизација, штабот испрати до сите реонски, окружни и селски револуционерни раководители во округот посебен распис, во кој ги оценува преживеаните настани и го повикува народот на нова борба. Еве го целиот текст на тој историски распис:

<<Назад | Почеток