Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Исповед на еден македонски четник

ГЛАВА ХVIII

Крсто Ресенски

На другиот ден јас се разбудив од грмежливиот глас на Крсто.

– „Земете му ја пушката“ – рече Ѓаконот, но ниту еден четник не крена рака. Тогаш тој му се сврти на полицискиот војвода и му рече: „Ако не го разоружиш, ќе те тепам.“ „Тогаш тепај ме“, рече селанецот. „Јас ќе земам пушката на Крсто, само ако ми ја даде тој.“ После тој викна на Ѓаконот: „Зошто не ја земеш ти сам?“ Тој не одговори. „Јас ќе одам во Бугарија.’ Рече Крсто. „Не сакам за војвода таков патагонски разбојник како тебе. Но јас ќе си ја носам пушката со себеси до границата.“ И тој тргна, со четворица од момчињата, но кога стигнавме до Крушево, дојде една делегација од Ресен и му рече дека ако тој си отиде, тие не сакаат да имаат никаква чета во ресенскиот реон.

– Кој започна кавгата? – праша Петруш.

– Комитетот во Битола. Тој назначи реонски комитет во Ресен, кога комитетот требаше да биде избран. И какви никаквеци назначија! Сe трговци. Добро, но наскоро селаните дојдоа да ми се жалат дека биле принудувани да ги купуваат своите стоки од тие членови на комитетот, на двојни цени. Јас го иследував тоа. Тие го нарекуваа тоа бојкот против непријателите на организацијата. Тие сакаа да ги сосипаат другите трговци, кои не го сакаа Лигушев за окружен делегат и настојуваа да се спроведат избори. Ѓавол да го земе, тие беа во право. Јас го растурив комитетот во Ресен. Испратив неколку здрави селски младинци во Ресен и тие го растурија комитетот. Тогаш дојде Ѓаконот и јас му се потчинив, затоа што видов дека тој е образован човек, а јас сум само еден неписмен човек и не разбирам од такви работи и од тоа воспитување на масите, што го сака новиот статут. Јас знам само да се борам, а тоа не е потребно сега. Но Ѓаконот почна терор. Сите негови тактики беа против нашите луѓе, против учителите. И после, тој се мешаше во селските каси и им ги испраќаше парите на луѓето во Битола. Наскоро требаше да има расправија, ако не беше борбата. Ѓаконот го одведоа во градот само неговите рани. Јас не сум го видел од борбата наваму, тој се измолкна по еден пат, а останатите од нас по друг.

Во тоа време се разнишаа лисјата на грмушките и се појави еден испотен селанец. Тој клекна до Крсто и му раскажа нешто шепотејќи. Гласот на Крсто не можеше да се стивнува лесно. Јас го слушнав неговиот одговор.

– Два баталјони! Каде се сега?

– Едниот фати позиција на спротивниот врв, а другиот се распрсна на мали групи, кои ги чуваат патеките низ шумата. Оние, кои се по ридот, лежат ниско и не можеме да ги видиме.

Јас скокнав малку уплашен. Крсто се сврти кон Петруш.

– Твоите луѓе треба да си мислеле дека се шеташ низ градската градина во Софија сношти – измрмори тој разлутено.

Еден од нашите патроли проползи тивко до нас и соопшти дека едно одделение аскер оди по патеката, по која врвевме минатата ноќ. Настапи општа, ама тивка тревога меѓу нашите момчиња. Се слушаше тракањето на пушките и дрнкањето на патронташите. Селанецот забрза надолу низ грмушките. Настапи напрегнато молчење. Сите приклекнавме на колено и ги наполнивме пушките. Во тоа време се чу по камењата тропот на многу нозе и ѕвечкање на клинци од поткованите чизми. Тие поминаа и вревата од стапките престана. Селанецот брзо се врати кај нас.

– Одат само по патеката – рече тој.

Целиот ден лежевме таму, само си шепотевме и при секое движење во грмушките се штрекнувавме, затоа што мислевме, дека стражарот доаѓа да не предупреди за приближувањето на аскерот. Обично доаѓаа селани или да соопштат за движењето на патролата, или да ни донесат храна, но секогаш носеа секира на своето раме за да прават впечаток дека одат по тие места да сечат дрва.

Приближувањето на ноќта донесе малку олеснување во нервната напнатост, но ние останавме таму, каде што бевме, затоа што селаните беа забележале дека по сите патеки се поставени заседи. Претпочитавме да останеме на истото место и положба, отколку да се откриеме со една борба, којашто би била придружена со жртви за да се пробие пат низ аскерските редови.

Изутрината со нетрпение очекувавме новини од селаните. Најпосле еден дојде и ни кажа дека аскерот уште се врткал тука, но главнината се движела севрно од Охрид кон Плакија. Кон пладне ни рекоа дека и последното одделение војска заминало. Четниците се отпуштија и „Оџата“ сакаше да испее една весела песна на турски, но Крсто не му дозволи.

Уште беше видело, кога го растуривме логорот и се спуштивме по патеката покрај потокот. Тргнавме по насока кон Крушево. Некој извика:

– Ај погледнете го оној човек, што доаѓа од Свињишта.

Еден човек јаваше на коњ брзо по патеката на спротивната планина. Го набњудувавме молчаливо, без да се криеме од него, затоа што се гледаше дека е селанец. Кога стигна спроти нас, тој не виде и ненадејно запре. Се стрча низ грмушките и подгонувајќи го својот коњ кон нас, извика, уште пред да се приближи:

– Исљам избега пред да го стигнеме. Тргнал попладнето, пред два часа поминал низ Свињишта, го фатил стариот Сава, синот му и пет коњи и побегнал во планините. Јас бев тргнал за Крушево, за да ви го кажам тоа.

На Петруш му зовре крвта и во деликатните црти на лицето му се појави румен блесок. Усните му се свија, додека ги даваше своите рески наредби:

– Крсте, ти ќе ми помагаш. Ти ќе го пазиш јужниот премин, а пак јас ќе ја опколам Плакија. Ајде момчиња, стегнете си ги коланите. Ова ќе биде најбрзото и најдолгото гонење. А на вас, другар стар, и на тебе Сандо, збогум. Нема зошто да доаѓате со нас. Дури по една недела ќе можете да се вратите тука.

Ние гледавме како трчаа осумтемина другари по планиската патека кон Свињишта и исчезнаа во мракот.

Следниот ден се распоредивме во една планинска месност, од којашто се гледаа јужните патишта од Дебар за Албанија. Прексиноќа Крсто ги беше зафатил тие патишта со селската полиција. Исљам не можеше така брзо да оди, затоа што му пречеа заробениците. Околу пладне слушнавме еден плотун, кој идеше од охридскиот пат.

– Петруш го фатил – забележа еден четник.

Крсто се оптегна на земјата и почна да слуша.

– Исљам не носи маузерки – одговори тој брзо.

Пукањето продолжи до стемнувањето. Во тоа време, верувајќи дека целиот аскер е горе, каде што се случуваше борбата, и мислејќи дека Исљам ќе го искористи тоа одвлекување на аскерот за да помине покрај нас, ние се кренавме од своето место и слеговме долу во долината. Сандо со неколку четници на Крсто ја премина рекичката и продолжи по патот од спротивната страна, разделен од нас со рекичката.

И тука одеднаш видовме две фигури, кои излегоа од густите грмушки, кон кои одеа Сандо и четниците. Уште од првиот поглед се разбра дека тие се од аскерот и очигледно предна патрола на воена единица што се приближува.

– Ај погледнете ги волците пред нас – извика Крсто, но дури кога четниците веќе ќе се судреа со двајцата од патролата. И двете страни веднаш застанаа, а двајцата Турци се свртеа и бегајќи се вмолкнаа во шумата.

Четниците брзо ни се придружија и тогаш сите, на чело со Крсто, поминавме низ грмушките сe на југ и стигнавме до селото, во кое што отидовме. Многу бргу се приближивме до куќите и кучињата почнаа да ни лаат. Селаните ни дадоа леб и сирење, со што ги наполнивме нашите раници. Во тоа време едно задишено момче дотрча и извика дека многу аскер се наближувал и дека оделе по нивите од двете страни на селото, очигледно за да не опколат. Ние се растуривме во боен синџир и потрчавме по изораните ниви кон разредената шума. Почна да се стемнува и од поголемо растојание не можеа да не видат. Во секој случај не пукаа на нас, макар што кучешкото лаење ни го покажуваше приближувањето на големи групи луѓе. Откако се повлековме во шумата, пак се наредивме во борбена линија, оттргнувајќи се брзо назад.

Тој ноќен поход беше многу напорен. Поминавме преку изорани ниви и ја пресековме долината за да отидеме во спротивните планини. Во мугрите запревме и спиевме во густите грмушки до едно село, но ноќта направивме и друг напорен поход, кој не одведе горе по синџирот на планината, којашто го разделува Охридското езеро од Ресен.

На вториот ден разбравме дека војниците оделе забрзано по нашите траги. Кавалеријата ја обиколувала месноста, а пешадиски патроли ги зафатиле сите планински патеки. На неколку места офицерите се обидувале да ги поткупат децата со пари и кротки зборови.

– А бре, деца, сте чуле ли нешто за Американецот? Дали бил американскиот комита во вашето село?

Од тоа стануваше јасно дека присуството на еден странец во четите, којшто се занимава со новинарство, беше голема здодевност за власта.

Една ноќ се најдовме на брегот на Преспанското Езеро – еден простор од вода, којшто отстапува само пред Охридското Езеро по големина и убавина. На едно осамено место покрај брегот ги најдовме да не чекаат шестмина рибари, коишто не качија во два големи чунови.

Не ја знам точната широчина на Преспанското Езеро, но помнам дека само во ведар ден може да се види од едниот брег до другиот. Ние патувавме две ноќи од северниот брег до еден проток на половина пат до западниот брег. При светлата месечина веславме покрај една редица од високи, нерамни спили, пробиени од мали пештери. Во една од нив го видов олтарот на една црквичка, изградена пред многу векови, веројатно кога Римјаните ги прогонувале приврзаниците на Христа. Дури и досега рибарите се молат таму и палат свеќи пред една стара икона, обесена на карпестиот ѕид.

Тука околината се слабо населени и станува дива и речиси непроодна над езерото. На вториот ден запревме на широкиот песоклив брег, меѓу две високи спили. Положениот бел песок се миеше од вода која го плискаше до нашите нозе така јасно, што можеше да се види како дното оди надолу наклонето до петнаесет метри пред да потоне најпосле натаму во сините длабочини. Риби, сами или во мнозинство, мали и големи, пливаа наоколу така јасно за нашиот поглед, како да поминуваа низ сина магла. Ние се капевме слободно во езерото, дури по неколку пати на ден. Потоа ловевме риби, поголемите риби за печене ги ловеа само рибарите.

Над протокот имаше село, коешто Крсто и јас го посетивме неколку пати. Претседателот на месниот комитет беше еден млад Албанец, кој се излежуваше со нас по цели денови, како да беше имашлив селанец. Крсто ми кажа дека тој бил бегот во таа околија и ја поседувал целата земја крај селото. Тој наредил да бидеме префрлени со чамци до тука. Крсто го нарекуваше „бегчето“, коешто ја покажуваше нивната одамнеша интимност, но мене ми требаше повеќе време за да свикнам со еден Албанец во организацијата. Наскоро сфатив дека бегот е во врска со свои сонародници зад планините и дека меѓу нив се засилува револуционерната дејност. Да имаше време, бегчето ќе ни организираше средба со една револуционерна албанска чета, којашто дејствуваше накај Корча.

По еднонеделен излет покрај езерото, ние почнавме да се враќаме на север, посетувајќи ги по ред рибарските села. Во тоа време тревогата на власта за моето појавување со божем уништената чета беше стивнала. По несреќата од месец мај, нашите посети подејствуваа благотворно и освен тоа се покрена ентузијазмот на селаните од оние херојски случки, коишто им ги раскажуваа на четниците.

При нашето прво селско собирање, Крсто речиси ме уплаши со својата гневна реч. Населението од тие места беше особено осиромашено, бидејќи сe било разрушено во текот на востанието и само делумно обновено оттогаш наваму. Касата на благајникот, којашто била наполнета од данокот, кој го плаќале селаните од другите села за сечење на дрвен материјал, била испразнета од заемите, давани на месните жители од општината. Крсто го открил тоа, кога побарал да му се предаде сметка. Ниеден благајник не можеше да ги собере тие долгови, макар што сите должници беа тука. Помислив дека Крсто ќе им ги одере кожите веднаш. Но тој постави еден четник на вратата и почва ужасно да ги кара. Никакви пари не се собраа.

– Знаете ли што ќе ви направам! – викаше тој.

Собраните молчеа како неми.

– Вие, патагонски разбојници! – (негов сакан укор; тој ја мешаше Патагонија со Калабрија, за чиишто разбојниците беше слушал.) – Јас ќе ви кажам, што ќе направам. Ќе назначам три стари жени за месен комитет и вие ќе им се покорувате. Тие ќе знаат како да ги чуваат вашите пари.

Тоа заплашување им направи впечаток. Тие собраа една мала сума, но имаше да се собираат уште дваесет лири. Луѓето го познаваа Крсто, неговиот гнев стивна.

– Ќавол да ги земе – ми шепна тој настрана. Што да им правам? Ќе ги пискарам малку за да не се учат на такви работи.

Тогаш тој му се сврти на благајникот:

– Ќе ми дадеш ли жарче да си ја запалам цигарата? Ај погледни ме; ќе ја назначам за благајник твојата жена и така ќе ти го сосипам домаќинството.

На истиот начин тој ги решаваше и месните спорови. По неколку денови јас и селаните свикнавме со неговата избувливост. Еден од четниците ми кажа дека Крсто не ги тепал престапниците. Ми раскажа исто така за еден, што му давал информации на кајмакамот и поради тоа Крсто одвај се спасил од аскерот. Кога го довлекле престапникот да го судат, се покажало дека тој имал шест малечки дечиња. Во друг реон тој не би ја одбегнал смртната казна. Но Крсто го осудил да не излегува сам од селото. Тој не можел да оди сам во шумата да сече дрва, ако не е придружуван од човек на селската полиција. Тоа беше единствен случај на шпионажа во тој реон.

Кога стигнавме пак во Горни Ресен, требаше да се движиме по височините. Тука добивме писмо од Петруш. Сандо им го прочита со висок глас на насобраните четници и селани. Тоа ја имаше следната содржина:

„Откако ве напуштивме, одевме цела ноќ по трагите на Исљама и следната изутрина се доближивме до него. Ќе го запревме, да не бевме се судриле со една чета аскер, којашто не принуди да држиме одбранбена позиција. Кајмакамот лично раководеше со борбата, и ние со еден куршум му го скршивме глуждот. Тоа ранување го разлути толку, што тој отиде во Плакија и таму обеси еден селанец. Во борбата паднаа двајца од аскерот, а ноќта ние се повлековме без убиени и ранети.

Во тоа време селската чета му го пресекла патот на отстапувањето на Исљам и тој бил гонет од нив до атарот на турското село. Влегол таму и посакал да ги сменат коњите за него, за неговите луѓе и заробениците. Кога селаните одбиле, тој започнал да го тепа нивниот кмет, но во тоа време тие го застрелале. Ги пуштиле пленетите да се вратат во Свињишта, каде што ние ги сретнавме и разбравме од нив како му бил ставен крај на Исљамовото бегство и разбојништво.“

Сето тоа Сандо го прочита гласно, но во писмото имаше и лични работи за мене. Петруш навидум се покажуваше задоволен, што најпосле е убиен Исљам, но ако му читав правилно мислите меѓу редовите, неговата радост беше измешана со остро сожалување. Тој сожалуваше што не успеал да го фати Исљам жив и да му суди надлежно во една редовна сесија на својот суд.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина