Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Ангел Андреев

VI.

Коте дејствува против востаниците. Предавства. Турците убиваат многу жители од Рудари и го ограбуваат селото. Востаниците се растураат. Андреев низ Грција се спасува во Бугарија

Во тоа време Коте со нашиот чорбаџија од Рудари, Наум Мијалов и брат му Коте Мијалов, наумиле да ме предадат на Турците во Наколец за да се успокоело селото. Чорбаџиите беа наклонети на спогодби со Турците. Тие беа мои четници и добро се однесуваа зашто мислеа дека востанието ќе успее, но откако видоа дека нема да успее, ја свртија колата наопаку. Наум Мијалов беше отишол кај Цафо-бег (тој беше од П`пле, чифлик-сајбија, кому сe му имавме изгорено) и му кажал во каква состојба се наоѓам и каде се наоѓам. На 3 септември истиот тој Наум отишол во Наколец и кажал дека јас на 6 септември ќе ги пуштам момците на неколку дена за да ја соберат пченката и да површат, како што навистина планирав.

На 6, кога ги пуштив 30-те момчиња, уште во текот на ноќта силна војска не опколи. Јас останав со 6 души. Кај мене беше и Александар Ефтимов со 4 свои другари - останати од битолската чета. Случајно бев отишол до дома да земам ракија и малку јаболка, за да го почестам Александар. Во тоа време момци од четата ми јавија дека кон селото доаѓаат Турци. Скокнав и со 6-мината другари, низ дожд од куршуми успеавме до дојдеме до една шумичка. По мене беше тргнал и братовиот син, 13-годишно момче. Него Турците го фатија и штом разбрале дека ми е внук, го стрелале. Јас чудесно се спасив, скриен во една грмушка. Поминаа покрај мене, а јас назад низ шумата и дури до Желево, во реонот на Коте. Во исто време кога бегавме ние, во паниката почнале да бегаат и жени и деца. Турците пукаа во секого, па многумнна беа убиени. Еве ги имињата: Русе Атанасов - 80 години; Гроздан Калев -80; Георги Јанков - 80; Митре Георгиев - 70, (ми беше стрико); Ничо Георгиев-18; Богоја Котев - мојот внук на 13 години; Павле Сотиров, ва 12 години; Алексо Спиров -18; Андреја Спиров - 25 години -тој ја запали кулата во Перово, на Ахил, оженет; Дамо Георгиев - 35; Ставре Василев - 30; Јован Крстев - 26, неженет; Миле Василев - 26, женет; Ничо Гелев - 25, женет; Неделко Иванов - 35, женет; Митре Георгиев - 25; Васил Кочов (од П`пле)- 40; Стојан Георгиев (од П`пле) - 25 години. Од битолската чета паднаа двајца - Панде и уште едеи. Истиот ден Турците однесоа во Битола 20 селани од Рудари, меѓу кон и мојот најстар брат Коте (38-годишен), чие момче беше отепано. И тој умре во битолскиот затвор по 1-2 месеци измачување. Го фатија на 6 септември заедно со другите. И другите деца - едно 7-годишно и едно 5-годишно починаа во планините, кога живееја в шума, од настинка и шарлах.

Турците го ограбија селото, а посебно настрада нашата куќа. Со брат ми беше затворен н Вангел Граматиков, 70-годишен старец од нашето село. И тој умре во затворот во Битола.

Згора на се, аскерот ни се насели во селото, рашири шатори до него. Јас бев останат сам и за мене враќање назад немаше. Им пишав во селото, од моето жито 20 кила [1] да им поделат на жените на паднатите.

Во Желево дојдоа Чакаларов и Кљашев. Тие заминаа и беа разбиени. Чекав писмо од Штабот, да знам што да правам, да седам ли, да бегам ли. И жена ми беше во Желево, со ќерките. Јас ги вратив назад, во Рудари и не им кажав каде ќе одам. Чакаларов дојде со чета од 250 души. Тој ми рече да се прикривам до пролетта со моите 5 души. И тој сакал истото да го направи. Тој замина, а го остава Митре Влавчето со 4 души. Коте со желевчани беше нe предал на аскерот од Псодери. Но, други желевчани ни јавија дека аскерот доаѓа. Ние со Митрета се скривме во една куќа и кога се стемни, не изнесоа надвор од селото. Митре Влавчето отиде во Кономлади да го бара Чакаларов. Јас отидов во месноста Калуѓерица, во нашата планина - меѓу Рудари и Желево. Жена ми отиде во Рудари. Од Калуѓерица, со другар ми Пандо Наум Башев, отидов во Бесвиња.

Во Бесвиња го викнав својот бивш четник Вангел Христов. Веќе беше 25 септември. Отидов во Грција со тројца другари. На 28 септември тргнавме преку езерото. Спиевме во албанското село Пљаса. Тука ги оставивме пушките. Манлихерката им ја продадов на куририте за 3,5 лири. Кога видов на влезот во Грција дека и револверите ќе ни ги земат, својот револвер, од типот „лебел", му го подарив на еден нашинец. Патував со Апостол Чакаларов, братучед на Чакаларов, кој беше дојден во Желево. Само што ја минавме грчката граница, не фатија во градот Калабака и не однесоа во Трикала, кај што лежевме в затвор. Додека не испитуваа, останавме пет дена. Не тераа еден по еден да одиме врзани со синџири на рацете и требаше да поминеме покрај турскиот конзулат, двајца по двајца, врзани на еден синџир. На испитувањата реков дека сум Бугарин, а не Грк, дека бевме под патријаршијата - селото Рудари - не дека сега не знам под кого сме. Им кажав и дека учествував во востанието. Не прашаа - кој ни купува(л) оружје - дали бугарскиот комитет, па каде сум роден. Не ми веруваа дека сум Македонец.- „Ти си од Бугарија" - велеа. Јас им реков дека имам жена и деца и им реков да проверат. Тие пак не веруваа: „Ти лажеш, вие не се боревте за слобода, туку против нас, против елинизмот, убивавте попови и учители грчки". Одговорив дека убивавме шпиони во името на револуцијата и во името на нашиот закон и ништо друго. Ни посочија грчки весник во кого се опишувале наши ѕверски дела! Ние одговоривме дека сето тоа е лага. Потоа не фрлија во големиот затвор во Трикала, кај што останавме 30 дена. Дванаесет дена си купувавме храна со наши пари, потоа ни даваа по 300 драма леб на ден, а за манџа ни бараа по 10 пари на ден. Потоа со војводата Иван Попов не испратија во Волос, а оттаму во Пиреј. Во ужасен затвор останавме 24 часа. Од Пиреј не испратија во Атина. Тука повторно испитувања. Во Атива Апостол Чакаларов го пуштија на слобода, заедно со неговите другари.

Во затворот дојдоа и новинари. Се чудеа како под диктат на Бугарите од Бугарија сме се нафатиле да правиме востание. Ние одговоривме дека не работиме ниту за Грција, ниту за Бугарија, ниту за Србија, туку само за Македонија. Не само едно лето, туку 10 години се подготвувавме и налет нивната ученост штом поверувале дека за едно лето можело да се подготви едно такво дело - револуција, која ги обединн и гркоманите и Власите и Бугарите против заедничкиот непријател. Се гледа колку се интересирале Грците за Македонија кога слушнале за востанието... Одвај сега кога пукнала пушката и сл. и сл. Не прашаа кого сакаме за кнез во Македонија; ние сме биле историски повразни со Грција и требало да сакаме грчки кнез. Ние одговоривме дека сега не мислиме на тоа - нека ни помогнат Грците да се ослободиме, па потоа лесно за тоа...

Ни рекоа дека оној што има пари ќе оди во Варна, а оној што нема ќе оди во Волос. Не вратија во Пиреј, два дена многу не мачеа, дури по нужда не нe пуштаа. Другарот ми Пандели Наум Башев го вратија во Волос. Ние со Попов тргнавме преку Цариград и стасавме до Бургас. Од Бургас јас дојдов во Варна. Добредојде ми посака - македонското друштво. Го имам најмалнот брат, Ноле - инжинер во Русија, во Батум.

 

1. Мерка за храна. Едно кило во Преспа имало околу ...5 оки. (б. на р.)

Почеток | <<Назад | Содржина