Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Даме Груев

IV

Груев, ослободен од заточение, се враќа во Солун. - Решението за востание и Гоце Делчев. - Првата средба на Груев со Б. Сарафов. - Груев на конгресот во Смилево. -Неговото учество во Илинденското востание. - По капитулацијата Груев останува. во Битолско.

Ме пуштија пред Велигден во 1903 год. Се вратив во Солун, слободен. Затеков веќе примено решение за востанието. Гарванов беше претседател на Централниот комитет. Ми ги објаснија доводите, за да се прифати такво решение. За кревање на востанието се изјаснил и Чернопеев. Струмичкиот претставник бил за, одринскиот - исто така. Луѓето (гурбетчиите) веќе се беа вратиле од Цариград дома во Македонија - беше доцна веќе да се премислува. Во Солун дојде Делчев. Изнесува приговори. Главно сметаше дека серскиот санџак е сосем без оружје. Ние го утешивме со ветување дека ќе ни биде доставено потребното оружје преку специјални добавувачи. За тоа ќе го испратиме Гочев, се надевавме дека пак направо по море ќе бидат дотерани пушки од Грција, сметавме на една набавка од 1000 пушки. Делчев се успокои. Тој тргна со намера да ја среди работата со канал за Св. Гора, од каде требаше да поминува оружјето за Серско, и после да се врати во Кукушко, каде некои се беа изјасниле за врховисти. За неговото убиство узнав во Смилево, на конгресот. Јас тргнав едно-два дена по заминувањето на Делчев, и се задржав во Битола едно - два дена. Делчев бил поткажан во Брод и од касиеринот.

На конгресот ја прикажав положбата онаква каква што е: сметав за безумно да се премолчува дека некои реони воопшто не се подготвени, и дека нема да земат учество. Со Сарафов се сретнав за првпат во Смилево дома кај мене. На конгресот Сарафов беше категорички за акции.

Имаше мислење порано да се започне со востанието. Не верувавме дека Турците ќе се решат да прибегнат до толкава жестокост, сосем да го сотираат населението. Сарафов во доверба кажуваше дека некој министер рекол оти ако бидеме во состојба да задржиме 60.000 турска војска, Бугарија ќе се смешала. И јас најпосле допуштив дека може да дојде до тоа. Конгресот ме избра за член на Генералштабот на битолскиот вилает, заедно со Сарафов и Лозанчев.

Пред да се разгори востанието ги обиколивме Охридско, Демирхисар, Костурско. Кога се прогласи востанието, и тројцата бевме во Смилево. Началник на реонот беше Сугарев. Во селото имаше аскер 60 мина. Во време на „дова-та ги нападнавме. Селаните од куќите на пусии, а Турците настапуваа во параден строј – паднаа околу 30 мина. Другите влегоа во училиштето и во нивната зграда. Битката заврши неуспешно за нас. Ние се наоѓавме во планината. Слегнавме, им се приклучивме на селаните, бевме сe на сe до 200 мина. Турците се беа утврдиле во училиштето, што беше камена зграда, така што ништо не можеше да се стори. Цела ноќ продолжи престрелката. Во текот на ноќта запаливме една просторија, во која тие имаа склад со патрони и др., внатре имаше и аскер, та некои изгореа живи. Се обидовме со динамит да ги кренеме другите згради, но не успеавме. Утредента, на 21 јули, попладнето пристигна на помош друг аскер. Ние дадовме заповед за повлекување на нашата претходница пред селото, селската чета, што беше распоредена таму, не го беше добила тоа известување. Една друга чета го пречекува аскерот, пааѓаат десетина Турци и еден јузбашија, а од нашите -еден комита. Четата беше на Стојан Донски, тоа беше смилевска чета. Кога четата отстапила, аскерот се доближува до четата што беше претходница; оваа отвора оган, убива 2-3 Турци, и аскерот се повлекува назад и се распоредува горе во планината на оддалеченост од околу 1 час. Ние бевме од другата страна на шумата. Оние Турци во селото остануваат затворени, а некои од селаните си биле по куќите. Претходницата, откако гледа дека сите се повлекле, и таа се повлекува - и на третиот ден аскерот непречено влегува во селото, ги ослободува своите другари Турци и тогаш запалува 30 куќи. Сите селани беа незадоволни од тоа отстапување, што беше заповедано од штабот. Селаните, кога го видоа чадот од запалените куќи, почнуваат да се приближуваат кон селото. Турската војска помислила дека ќе биде нападната од нив, се втурнува во бегство, оставајќи торби и други работи, а селаните влетуваат и го згаснуваат огнот.

Утредента ние определивме пак една патрола да отиде да ја заземе вишнатината „Ѓорев гроб“. На излегување од селото патролата здогледува како по патот доаѓа војска од Приблци. Четата ја водеше Донски (15 мина); доаѓа до престрелка. Се стрчавме и ние на помош, ги заобиколуваме од десното крило Турците, и тие се разбегнуваат, оставајќи си ги коњите. Потем фативме да копаме ровови околу селото. Стојков беше специјалист. Убаво се копаше трапот. На највисоката чука се појавија Турци, но тие се исплашиле, бидејќи си помислиле оти сме многу и сме се утврдиле. Аскерот се врати во Битола без да испука ниеден истрел.

До 14 август бевме спокојни. Сарафов се оддели и отиде во Демирхисарско. На 14 август дојдоа 9 табура војска по 600 до 800 мина. Се биевме цел ден, насекаде зазедовме позиции. Раководевме јас и Сугарев. Турците извршија напад со артилерија. До 10 часот попладне (сиреч 4.) паднаа 32-33 комити. Имаше загинати и Турци. Потем јузбашијата (бинбашијата) кажувал оти загинале 100 мина. Тогаш почна повлекувањето на четите. Дел од нив останавме во шумата над селото. Јас бев таму. Сугарев отиде во Ресенско. Пред да се мркне Турците влегоа во селото, околу 12 часот. Но еден дел од аскерот беше влегол во селото уште на пладнина. Веднаш фатија да ги палат куќите. До вечерта пламна сето село. Сето население беше во шумата, со еден дел од четите. Турците наоколу веќе ги опколисаа четите. Во селото останаа само неколкумина старци, немоќни, што ги потепаа. И во збегот (логорот) во шумата беа убиени околу 40 мина од двата пола, што на поотворени места беа погодени од куршуми. Самите тие, од исплашеност, се изложиле на отворено. Во текот на ноќта еден број од мажите се пробивме низ турскиот обрач во планината, и поминавме во соседната шума. Жените, децата и старците останаа во шумата под селото. Утредента им побараа теслим на семејствата, и тие се прибраа во селото. При предавањето немало насилства. Првиот ден некои жени со деца, довтасани, биле натепани, па и силувани. Селаните влегоа во селото што беше изгорено. Војската остана на вишнатините околу селото уште три дена. Војската го продолжи својот пат натаму по билото на Бигла и се најде во Демир Хисар. Ние се вративме назад, во Смилевско. Ноќно време слегнувавме и во селото. Имавме прибрани храна и облека во шумата, па тоа се спаси. Околу 50 семејства останаа сосем без облека.

По капитулацијата поголем број од двата пола (околу 300 мажи) со исклучок на вооружените востаници, се прибраа во Битола. Не сакале да ги пуштат во градот, но тие најпосле успеале да влезат. Таму се сместиле делумно и во свои куќи. Потем во текот на септември се собравме сите - и Лозанчев и Борис - во селото, каде пак дојде војска. Ние излеговме горе на билото на планината; бевме 150-160 мина, зазедовме позиции за борба. Забележавме дека и од други две страни надоаѓаат војски. Ние се концентриравме во центарот. Се отвори оган од крилата. Крилата отстапија. Центарот по неколку истрела повторно отстапува кон гората. Со десното крило, каде беа селаните се разгоре битка; загинаа наши 4 мина. Борбата траеше до 3-4 часот попладне. Во текот на ноќта војските се распоредија долу, во котлината, а дел од нив горе, по билото. Од четите дел од нив заминаа накај Горни Демир Хисар, а ние се вративме во Смилевско (борбата се одвиваше на боишкоцеровскиот синор). Војската го продолжи патот за Горни Демир Хисар. Сарафов беше со мене. Тогаш се разделивме. Јас предложив да отидам во Леринско, но и тој го сакаше истото тоа. Борис се искажа ,дека е решен да си замине во Бугарија, и се упати преку Преспанско-Леринско. Со него тргнаа и некои од неговите луѓе, па и други.

По заминувањето на Сарафов, стапи во сила општото решение за запирање на борбените дејства. Складиравме околу 400 пушки. Отидов да ги надгледам другите реони, сите во Битолско. Помошните мисии на Англичаните донесоа малу утеха и успокојување. Од друга страна гласовите за реформите не охрабрија донекаде.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина