Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Ѓорче Петров

XI.

Решение на Ц.К. да се наложи на егзархијата да назначи на служба во Македонија по претставен список посочени лица. — Ѓорче Петров во Цариград води преговори со егзархијата. — После долго противење егзархијата пред натискот на Ц.К. отстапува. — Петров бара подесно лице за претседател на новиот Врховен комитет. — Борис Сарафов излегува на чело на комитетот. — Задружната работа на двата комитета, В.К. и Ц.К. отпрвин оди успешно

9 јуни.

Ако не се лажам во 1898 година летото (кога Ризов и др. појдоа за трговски агенти во Македонија) организацијата внатре беше си ја раширила многу веќе мрежата и беше привлекла учителски интелегентни сили во безразборно големо мнозинство. Тогаш се беше осетила нужда организацијата да си ја распредели територијата на окрузи и околии со соодветни луѓе и на некои места се беа набрале по неколку одбрани луѓе, арни сили, работници на организацијата, а имаше други места, каде пак немаше сосем раководители, раководни сили. За нас за раководни сили важеа само испитани интелегентни другари, кои што стоат повисоко над другите. Стануваше нужда порамномерно да се распределат овие сили по околиите. Истата нужда се беше осетила и внатре во околиите за по селата и градовите. Требаше назначувањата на учителите за следните учебни години да станат во согласност со речената нужда. Колку беше возможно преку месните авторитети (општини, владици, влијателни лица), се протуркуваше оваа мисла, но постигнатите резултати не беа доволни, зошто општините под диктатот на К`нчев од Цариград и на Братството во Солун напротив дејствуваа спротивно на нуждите на организацијата за да ја поткопуваат и за да припремаат подлога за револуционото Братство. Ц.К. под притисок на многуте сакања од внатрешноста по речената посока беше дошол до увереност дека само преку егзархијата може да се протурка ова сакање, со верба, оти и во егзархијата ќе се прими ова сакање на организацијата само преку морално насилие. Со мотив дека повеќето од поугледните наши другари се чиновници на егзархијата така да некој од нив биде пратен во егзархијата со мисија по ова прашање, не ќе има достаточно углед, ме беа избрале мене со надеж, дека јас ќе поинпонирам и т.н. Јас со бугарски пашапорт на доктор по медицина појдов во Цариград. На улица таму ме сретна Максимовиќ, турски шпиун, ме позна и ме поздрави: „Ош гелдин бе комита!“ Ме праша со кој сум дошол. Јас му реков, оти сум дошол да барам служба од егзархијата. Тој не поверува, а после им рекол на пријатели да се требам побрзо, оти за мене имало купиште преписка и 10-12 слики од солунските комесарства.

Ваму се сретнав со Думев. Тој се расплака кога ме виде. И тој и други ми подрекуваа да тргнам уште другиот ден, но јас не бев ја свршил работата и решив да останам. Се криев во Бујукдере две нелели и пуштив едно момче како случајно да му кажи на Максимовиќ, оти сум заминал за Солун. Пред да се скријам во Бујукдере, и` предадов на егзархијата полномошно од Ц.К., со кое што ме ополномоштуваа пред егзархијата да ги претставам сакањата на Ц.К. Претставив список на околу 70 лица, што требаше да се назначат.

На началникот на одделењето Лазаров во кабинетот му го прочитав полномошното на Ц.К., го искинав пред него, ги исфрлив парчињата низ пенџере и му дадов срок три дена да ги исполни сите наши сакања, или, ако сакаат да ме предадат на турската полиција. Лазаров се уплаши, ми рече, оти тој е началник, оти тој не одговара, оти егзархот решава и т.н. та да одам да му речам на егзархот. Тој знаеше оти ние не ќе му направиме ништо на егзархот. Сакзше да се направи одговорен целиот училиштен оддел, но јас и ова не го примив, ами него, Лазаров, го правев лично одговорен. По два дни отидов за одговор. Уплашен Ллзаров ми рече: „Од мене веќе не сакајте ништо, зошто јас си ја давам оставката и си тргам за Бугарија“. Јас си го повторив сакањето и го посаветував да го исполни, а да не си ја дава оставката. Ако настојува, посаков да ми каже, кој му е заменик, зошто истото сакање се налага и на заменикот. Сите чиновници во егзархијата, за да го одбранат Лазаров, беа му изјавиле на егзархот, дека или ќе земи мерки и ќе го спаси Лазаров или сите ќе си поднесат оставки. Комсиев, чиновник во егзархијата, делегат од надворешното министерство, контролор во егзархијата, веднаш, штом ме виде, избега во Софија. Егзархот веднаш го испрати Мишев во Софија така да овај заедно со Комсиев, кој што беше ополномоштен од егзархот, да дејствуваат пред бугарската влада да не стегнат, да ја ослободат егзархијата од нашиот натисок, да ја спасат. А нашето сакање тие го претставија како сосипување на егзархијата. Од Софија им соопштија дека не можат ништо да направат и изгледа им сугерирале во Цариград да држат помирливо поведение и да избегнуваат крајности. Најпосле се сретнав со егзархот да го уредиме прашањето. Тој посредно ме покани преку чиновниците, тие ми потказаа, оти Негово Блаженство ќе ме прими, а така исто дека ќе ја земе одговорноста на себе. Но јас избегнував од ова, тој да ја земе одговорноста. Кога се сретнав егзархот зборуваше со мене на долго и широко. Впечатлението ми беше тоа, оти егзархот си ја чува сосем неотстапно каузата на егзархијата во Македонија како единствен раководител на духовно — општествениот живот таму. На оваа подлога тој не се покажуваше склонен да направи каква и да е отстапка. Така на пр. јас барав некој учител да биде каде било, а егзархот приговараше на пр. дека овај учител бил провинет во нешто ваму понапред и оти не можел тој учител да биде таму. Јас му докажував, оти интересите на организацијата сега стоат погоре отколку престижот на егзархиските чиновници и дека пред овие интереси на организацијата тој треба да жртвува уште ситни работи на чиновничката дисциплина. Ова се му се гледаше многу крајно, цел преврат. Тој сам призна, оти неговите луѓе се веќе 45% во наши раце, но што сум дошол јас и тука во Цариград да му ги разбуричкуваме работите? Најсетне јас му реков, дека ќе ја натераме егзархијата да ги исполни сакањата на организацијата, имено исплашувајќи му ги чиновниците во егзархијата, кои што ќе ја напуштат егзархијата, ќе ги заплашиме и истераме учителите, што се прогив нас со егзархијата, ќе им сугерираме на учениците да ги напуштат гимназиите и т.н. и тие ќе ги напуштат. Му докажував, оти младината е веќе во наши раце и оти интересите на егзархијата треба да им отстапат на нашите интереси. По принцип ние сами сакаме да го запазиме црковно-учебното дело, надворешно и дека ќе и помагаме на егзархијата, колку за тоа, но егзархијата треба веќе да оди по нас; назад да го повратиме текот е невозможно. Егзархот се обиде да ја заштити еволуционата дејност на егзархијата пред револуционата, дека црковно-учебното дело ја спасило Бугарија итн дека револуционото дело носи само разрушување. Јас му го докажував обратното. Не можеше да ми оспори, оти револуционото дело кај нас се јавува за стапало погоре над црковно-учебното дело и дека овој факт веќе се налага. Моите наводи беа многу категорични, превратаџиски. Најпосле егзархот удри на друга тема; „Не сум ли и јас патриот, џанам не му служам ли јас толку време на тој народ, зошто да се вршат тие работи без да знам јас?“ итн. Разбрав, оти егзархот сака да ги знае нишките на делото. Тогаш разбрав и оти првата идеја да се роди револуционото „Братство“ се родила во егзархијата, може би во главата на егзархот. Јас му докажував, дека поради неговата положба ние треба нарочно да одбегнуваме да го посветуваме во овие работи. Но тој не се убеди, си остана на мислење, оти тој може да знае и да биде дури полезен, а всушност, дека би требало нишките на делото да бидат во неговите раце. Тој се плачеше, дека бугарската влада со акцијата од 1895 година му го разбуричкала делото во Македонија, дека се` ова му пречи пред турската влада и т.н. Му се плашеше окото од нашите младински вовлеченија, дека може да се симне сето дело на егзархијата. Јас бев екзалтиран, не малу реско зборував, длабоко убеден, дека нашето дело е право, и сакав на прво место од егзархот да биде умен, да не ја преследува нашата кауза. Му повторував, дека ние сме веќе силата во земјата и апелирав на неговата благоразумност, за да се избегнат судрувања. Егзархот го снижи тонот и молкна. Јас се простив со него уверен, дека се ќе успеам со својата мисија.

Меѓутоа Лазаров го напушти Цариград уште додека бев таму. Јас стоав таму 40 дена. Ризов пред мене, на пат за Скопје како трговски агент, се одбил при егзархот и се претставил како задолжен од В.К. и од владата да изнесе сакања на В.К. Тој предал список за да се преместат некои учители, а други да се назначат. Беше предал список од В.К., спроти кој што меѓу другото Даме да не биде во Солун, јас,м да не сум во Софија, ами преку бугарската влада да ме натераат така што да ме назначат за учител. За Скопско се произнесол за некои лица и побарал други да појдат. Егзархот ми го претстави овој список, но јас реков, оти не го признавам, бидејќи само Ц.К. има право да прави такви списоци, а не В.К. тогаш разбра егзархот, дека јас не стоам арно со Ризов така да тогаш егзархот почна преку Селџобалиев да ме поднаговорува да сум примел да ме назначат за инспектор во Скопско за да ги парализирам дејствијата на Ризов. Егзархот не го милува Ризов и тој го примил само по должност, но внатрешно тој се плашел да не би Ризов се истакнувал многу и да не ја парализира улогата на егзархијата. Егзархот се плаши од секого што би можел со нешто да го намали неговиот престиж на единствен авторитет. Воопшто Ризов, како агент, во очите на егзархот беше непријатен и тој се плашеше од неговата дејност. Затоа фактот, што јас му го оспорував правото на Ризов и на В.К. да се мешаат во учебното дело во Македонија, всушност беше пријатен на егзархијата така да се осмелија да ми предлагаат отворено да го парализирам Ризова во Скопско: „Кој знае што работа ќе врши тој итрец!“ — рече Селџобалиев. — “Негово блаженство веднаш би те назначил“. Многу го обвунуваа Ризов, дека е способен да ја поткопува егзархијата главно со својот авторитет на агент на бугарската влада. Егзархот многу се стегаше за своите права и во однос на бугарската влада. Во Стоилов се гледаше, дека еден од мотивите за да праќа агенти беше навистина стравот од нас, но и стравот дека егзархијата може да ја заведува бугарската влада. Егзархот затоа секогаш лошо ги третираше сите чиновници, што му беа натрапени од бугарската влада. И Лазаров тој лошо го третираше, бидејќи беше испратен од Стамболов. Долго време не сакал тој да го прима Лазаров и после тој нарочно завел ред така што по учебниот оддел се` се прегледува и потпишува од егзархот. Таков е егзархот. Најпосле по прашањето, за кое што бев дошол, чиновниците разбраа, дека егзархот не ќе смее да се противи и ги примија нашите сакања по списокот.

Стоав тогаш во Цариград со ѓаволувања, кое по разни хотели, кое во Бујукдере, кое во куќата на Селџобалиев. Бев останал без пари. Тогаш стана осветувањето на црквата во Цариград. Дојдоа сума гости од Софија. Јас се прикрив од нив. Но Николаев учител — управител на луѓе, ме виде и се уплаши. Отидов на Халки, таму беше Величков ми препорачи еден хотел. Бев со голема брада, лошо облечен. Слугата сомнително ме изгледа. Тогаш се водеше голема потрага против ерменците, се сообразив, го повикав газдата: Ќе те направам резил пред еден твој пријател, ме прати тука Величко ефенди, твој пријател, а ти си ми дал ваква лоша соба“. Штом разбра, дека сум Бугарин и т.н. се заинтересува оној грк-шпекулант, праша, ќе дојдат ли многу Бугари за осветувањето на црквата. Тој зеде да ме моли да му доведам Бугари муштерии и ми даде поарна соба и храна. Куртулив. Величков беше тогаш министер.

Со параход кинисав од Цариград за Варна одново со непрегледан пашапорт. Се вратив во почетокот на септември. Оттогаш стана обичај, што Ц.К. за поглавни сили предаваше пред почетокот на учебната година список во егзархијата. И сега овој обичај оди. Но и тогаш егзархијата не исполни се, што сакавме; не сите сили, означени во списокот беа назначени, но воглавно се исполни: тогаш се готвеше сеопшт крах, Дамета го беа веќе ослободиле итн. така да се предодврати.

После востанието (егзархот ја зеде пак нишката во свои раце, а минатата година веќе имаше за прв пат генерално ослободување на замениците, и секој обид, за да се спречи тоа, немаше да има успех, зошто организацијата немаше веќе авторитет. Не е работа да стрелаш. Тогаш бевме сила, тогаш Стоилов му рекол на Мишев: „И ние тука не можеме да се расправиме со нив, гледајте да се расправите со мирно“. Јас секогаш сум ја држел тактиката да избегнуваме земање-давање со владата поради кое што им импониравме повеќе. Имаше подрекувања за сретнување со кнезот. Паисиј, калуѓер во Рила, ни напомнуваше за тоа, но ние со Делчев имавме принцип: „подалеку од офиициелни личности“. Со ова многу постигнавме. После, кога дојдоа Матов и Тлтарчев, министер Данев побарал сретба, за да се сретне Татарчев со гроф Ламсдорф. Ризов, Љапчев, Карајовев и др. навалуваа. Јас и Делчев се спротививме, зошто со тоа се изменуваше сета дотогашна наша тактика. Јас бев секогаш да инпонираме со мистериозноста на нашата организација, да избегнуваме насилија. Ни една смртна пресуда не сум потпишал! И сум препорачувал секогаш да се воздејствува со други доводи, без терор. Теророт е терор, кога дејствува како плашило само со своето име, а тој станува опасно оружје за самите нас, штом дојде да се применува.

10 јуни.

Ние го уредивме Сарафовскиот комитет, тој беше наш продукт. При таа положба решивме да го земеме комитетот преку наши сочувственици, ние да си останеме одделни, а тој ќе си биде В.К. Друштвата сметавме да ги реорганизираме, да имаат предвид чисто револуционерна кауза. Однапред се споразумивме со новите членови на комитетот, дека ние ќе имаме право да учествуваме на заседанијата на комитетот; ние нема да земаме одговорност за тоа што ќе го врши В.К. но се ќе станува со наше знаење и согласност. Од своја страна ние ветивме поткрепа со поенергични и попредани луѓе, дојдени одвнатре, со кои што би се соживела дејноста на комитетот, особено во провинцијата. Така и стана. Со ова се подудри авторитетот на тукашните македонствујушчи.

Моја идеја беше да се најде меѓу македонствујушчите некое угледно лице, истовремено и доближено до нашите идеи, за да биде избрано за протседател на комитетот. Уште не се осмелувавме да го дадеме наполно В.К. во рацете на офицерчињата. Цончев уште не се решаваше да си даде оставка и да стане претседател; ние тогаш ќе го примевме. Со цел да најдеме погодно лице и да ја подготвиме почвата за новиот комитет, јас превзедов една долга обиколка по јужна и северна Бугарија, по сите градови. Врбував нови сили; каде имаше Македонец, посакав да се запознаам со него и да го испитам за дз знам, на кого можеме да се ослониме. Не можев да најдам ниту еден, кој што да ги споделува моите возгледи и да се сложи наполно со револуционерното дело. Сите одобруваа, но сами не се ангажираа. Гледиштето им беше, дека организацијата тука е бесилна, и не им се веруваше, дека оваа организација тука ќе може да се соживи до степен, така што да стане тоа, кое што го очекував. Воопшто револуционерното дело им се гледаше утопија. Даме и Ризов не допуштаа, дека може да се засили дејноста на комитетот, дека општеството ќе се заиитересира толку за делото, дека ќе можеме да пласираме заем дури до 50 илјади лева. Ризов велеше, дека тој прв ќе ни ракоплеска на публично место, ако успееме да собереме 50.000 лева. Општа недоверба. Јас ги поканив сите повидни Македонци во провинцијата, што беа директно или индиректно замешани во борбите на македонското дело, и претрпев фијаско. Секој, кој што колку-толку држеше на себе не сакаше да се ангажира, да станува смешен. Во Шумен и Варна имав долги и широки разговори со пополковникот Стеван Николов и со Јанков за да видам да ли можат да ја зафатат претседателската должност. Впечатлението ми беше, оти не одговараат на нашите барања. Николов ми направи впечатление на човек тежок, со слаб ум, а Јанков на човек лесен. Во Разград го поканив Славчета Бабаџанов да стане претседател на комитетот. Беше постар од Бориса и Бозуков, што си ја даваа кандидатурата. Јас отпрвин не ги сакав нив, не сакав да им го поверам претседателството, јас барав човек, со каква годе положба во општеството, со извесна тежина. Го поканив Паунчев, кој што беше учител во Варна; ми откажа отворено уште во почетокот како невреден. Го поканив Панов (Кушев) од Видин, адвокат, Велешанец. Го поканив доста настојчиво Димитар Благоев, социјалистот (водачот на социјалистите). Јас не гледав какви му се разбирањата ами барав чесен човек. Го поканив Иванов (Иван Иванич, „Чамовата даска“) адвокатот, откажа. Сите ми откажаа, од недоверба, зошто им се гледаше рискувано тоа. Неопходна беше работата за овој калап луѓе.

Остануваше да се задоволиме со офицерството од 1895 година. Јас мислев од нив да земеме во комитетот помалку, за да ги исползуваме направо во работата. Офицерите силно настојуваа да се смешаме така да јас го земам претседателското место. Не се согласив. Бориса го претполагаме пред Бозуков, како постоанен. Многу пријатели се прснаа низ провинцијата да го подржат нашиот програм и нашата листа за претстоеќиот конгрес. Нашата листа беше подготвена по список. Па и на конгресот се поведе агитација и се прими нашата листа без опозиција, благодарејќи на неблагоразумноста на составот на комитетот, во кој што бевте и Вие. Сарафов излезе на чело. На сите очите им беа во нас, не гледаа толку, кои ќе бидат во комитетот, ами сите се утешуваа со мислата, оти од сега натаму В.К. ќе работи во согласност со нас, Ц.К.

Во почетокот на комитетот нашето соучество беше полно. Работите ги почнавме на чисто другарска основа со догвпор, дека тие ќе фигурират во Бугарија, но дека потпорот, крепоста ќе бидеме ние. Офицерството во почетокот не превземаше ништо без наше знаење и согласност. Самиот Борис велеше: „Ние сме фирмата, а Ѓорче е комитетот“.

Се започна работа со голема верба, дека ќе ја соживиме Бугарија. Беше настапило полно мртвило по македонските работи. Надворешните луѓе не веруваа, дека тука организацијата може да се соживи, да стане животоспособна и дееспособна. Со силна верба и енергија, дека ќе го постигнеме тоа кое што другите го мислеа за непостижно, се пуштивме во работа директно кон целта: почнавме да ја рашируваме организационата мрежа со запишување повеќе членови во месни друштва и со пласирање на заемот. Отпрвин главно сметавме на друштвата, мислевме дека само од членски внос ќе можеме да примиме неколку стотини илјади лева. Дури од весникот чекавме 50 дури до сто илјади лева, — верувавме, дека ќе го рашириме до последната колиба. Со таква верба и енергија се фрливме на работа. За да дадеме признак на живот, нарочно сакавме со брзи чекори да направиме впечатление. Беше добра дружбата: нивната млада енергија, соединета со моето искуство и со мојот такт. Ако бевме се` така задружно продолжиле, многу добри ќе беа резултатите.

Најнапред си ја разделивме Бугарија на участоци, ние самите лично да излеземе по Бугарија воглавно за пласирање на заемот и за реформирање на друштвата. Составите секаде требаше да се изменат да ги пополнат помлади, поенергични луѓе. Резултатите од друштвата не беа големи; поголеми беа од заемот.

Брзо се создаде во Бугарија сосем друга атмосфера во полза на македонското дело. Насекаде многу радосно се пречека нашата дружба со В.К., тоа беше основата на новата сила, со која што комитетот тука се осети. Немаше отпрвиин определено решение за применување терористички средства, ами само по себе тоа си излезе како резултат на распалени работници, а после и како средство на нашите агенти. Владата на Радославов уште отпрвин погледна лесно на тоа и малу-помалу после одпадокот на првиот искрен порив кај нашите подобри агенти тоа се заврти во систем, се изроди веќе и почна да му тежи на општеството. Должност беше на В.К. да го премавни или да го стави во рамки. До една година работите одеа во општеството по овај пат со добри резултати, материјални и морални. Во првиот конгрес по една година ние излеговме со еден буџет од 450 илјади лева. А исто така веќе и во редовите на подржниците на комитетот имаше луѓе, кои што по општествен положај можеа смело да се мерат со членовите на бившиот В.К. Отчетот состанен од мене, почна да го чита Борис, но не можеше да го чита и јас продолжив. Прв пат јас и Делчев присуствувавме на конгресот. Сите беа доволни од нас, не` дочекаа со ракоплескање. Приход 450 илјади! Кој можеше да противуречи?! Љапчев беше таму, но повеќе молчеше, макар се` да се стремеше да протурка национален и политички елемент во решенијата, но не успеваше, зошто струјата беше во наша полза, — бурно и решавачко. Тогаш се оформи превратот од старите положби на В.К. кон нашите барања дека и тука емиграцијата треба да го прегрне патот на револуцијата. Револуциониот дипломатски пат на тукашната организација веќе се прогласи изоставен. Јас бев на врвот на среќата: тоа, што го сакав и што го проповедував, го гледав остварено. Тогаш конгресот го прими преработениот од мене устав и правилник на тукашната организација во духот на казаната идеја, дека тука се прегрнува револуционерниот пат и и` се дава предимство на Внатрешната организација. Тоа беше огромен успех на македонското дело: револуционерната идеја беше веќе внесена и во тукашката емиграција. Тоа јас во текот на години со упорна борба го проповедував, — борба со В.К., кој што сакаше само да дипломатствува и да води прва улога. Јас мислев дека штом тоа се прими тука, тоа ќе даде јак поттик внатре, ќе го тласне револуционерното дело напред, спомогнувајќи го со материјални средства. И тоа се постигна, само што од големо засилување дури и се форсира движењето така да и востанието стана пред време. Да не беше се засилил В.К. по време на Сарафовскиот комитет не ќе имаше ново форсирање, но сигурно е дека и внатре нашата организација многу брзо ќе врвеше. Не можеше да се каже, дека ќе можеме да излеземе од фазисот на проповедите кон вистинска револуција без таа помош, што ни доаѓаше оттука, морална и материјална. И ако емиграцијата не беше ја создала тука организацијата со В.К. на чело, ќе ја создадевме ние.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина