Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Ѓорче Петров

XV.

Улогата на Ѓ Петров во аферата на Мис Стон. — Петров интерниран во Трново. — Борбата со врховистите продолжува и се засилува. — Капетан Давидов оди во Битолско. — Напад на Делчев на заседанието на В.К. — Напразни усилби да се предоврати востанието, подбуцнувано од Цончев. — Една слабост кај Гоцета Делчев.

14 јунн 1908 год.

Уште не бев отишол од Софија, кога решивме Делчев лично да ја води борбата тука со цончевистите. Тоа беше уште пред да лежам в участок да ме интернираат во Трново. Аферата Мис Стон веќе беше станала. Нејзиното фаќање стана без наше знаење. Ние знаевме, оти се крои да се фати друго лице на Долноџумајскиот панаѓур, — Серско. Кога не успеавме, разлошката чета на чело со Сандански, на враќање во Разлог, скроила набрзо нов план та ја фатиле Мис Стон заедао со Цилка. Кога ја свршиле работата, подгонети од таму, првите дни се префрлиле во Бугарија, во Дупничко. Ја свршиле работата, а понатака ги заплеткале конците, не знаат што да прават. Малешевски настојуваше да појдам во Дупница, посака напатствија, како да постапат понатаму. Кроевме да се сретнам со нив, со Сандански, за да им дам лични напатствија. Тука софиската полиција беше многу се раздвижила за да ги фати или луѓето или барем нишките на работата. Јас не можев поради тоа да ги видам нив, специјален полициски човек оттука специјално ме следел, без да знам јас (Велјо Маринов, сегашниот полициски пристав). Јас случајно го срстнав и на шега му реков, дека наверно тој отишол да фаќа комити и дека наверно и мене сака да ме фати. Тој се смути дознав оти е така. Отидовме да се почестиме се понапивме, и тој ми призна, и јас утредента бегај назад во Софија. Владата беше сериозно загрижена да го фати Сандански; срамно им беше оти се губи честа на бугарското име во Европа и Америка. Убедувањето кај владата беше, дека интелектуалниот виновник сум јас така да мислеле да ме уапсат. Каравелов имал намерение мене и Малешевски просто да не обесат преку воен суд за да му дадат на европското општество мнение. Но полициските луѓе уверувале, дека мачно ќе можат да истргнат нешто од мене по судски ред. „Од тој ѓавол ништо нема да дознаете“ — рекле. Да беа по претпазливи на граница ќе ме фатеја во клопка. Најпосле решиле да ме интернираат во Куртбунар. Јас протестирав пред градоначалникот К`нчев, ги потсмевав министрите. Јас сакав бидејќи немав средства, да ме остават да живеам во Трново, каде што имав пријатели. Се согласија, но под многу строг (тајни) надзор, кореспонденцијата да ми се прегледува и секој да се следи, кој би дошол при мене и т.н. Ова го научив после. Јас условно бев засегнат од оваа мерка. На кинисување му реков на градоначалникот, дека тие посегнуваат не на мене, ами на организацијата. И не требаше овој прв случај на посегнување на организацијата да го остави така, но на жалост кај нас условната честољубивост не е развиена, а и Гарванов беше во Ц.К., кој што се радуваше за тоа. После од полицискиот пристав во Трново, со кого се спријателивме, дознав колку строги шпиунски мерки зеле протип мене. Наспроти оваа строгост пак целата Мисстоновска рабога пак јас ја свршив. Оттука, пред да ме интернираат, јас го испратив првото писмо на мисионерите во Самоков, во кое што се изложуваше судбината на Мис Стон, намерението за заграбувањето и предлог за откуп со 25.000 лири. Имаше и нејзино саморачно писмо. Во одговор дојде секретарот на цариградската американска легација. Доаѓа понапред во Трново кај мене Малешевски, скришум, се разбира, за совет по борбата со врховистите и по оваа работа. Доаѓа два пати. Условивме, да дојдат во Софија двајца пратеници од Сандански за да уговараат со пратениците на легацијата. Дојдоа Чернопеев и Крсто Асенов. И овие доаѓаа два пати кај мене во Трново за инструкции. Имав посредни предлози од владата да и` ја раскријам работата и да ја преостават нејзе да ја уреди. Ризов сакаше да си даде значење и сакаше тој да дојде при мене да преговараме. Ни предлагаа да се откажеме од откупот, за да направиме добро впечатление. Нашите нужди беа големи. Јас се чудев на ова мешање на владата. При првото сретнување американскиот секретар се однесол многу наголемо, рекол, оти тој немал работа со разбојници, а сакал да третира со владата. По мои напатствија нашите му одговориле, оти тие не ја признаваат владата, оти таа е нивни непријател, оти ако тој не сака и ако посмее да ги издаде, и тој нема да остане жив и тие живи нема да се предадат. Зборувал тој, изгледа со владата, и потоа беше поомекнал и влегол во пазарлак. Пазарлакот му бил отфрлен, почнал од 5000 лири. На неколку сретнувања уредените преговори во општи црти, останале да се довршат во Цариград. Се сомњававме и со право, дека се` станува во споразум со владата, најдовме за поумесно центарот на преговорите да се пренесе во Пловдив, а од таму пратеник, бугарски мисионер, одел во Цариград и оттаму преговорите станувале направо со четата во Разлог. Бидејќи четата се уморила, многу се продолжи — и бидејќи врховистите, поткрепени и од нашата влада, со јаки чети одеа потрага, решивме да отстапиме на 14.000 лири.

Парите ги донесоа Сандански, Крсто Асенов и Сава Михаилов, — во злато, се лири. Во стајата кај мене ги донесоа. Јас скришум се вратив од Трново за неколку дена. Ги распределивме на мали делови на разни пријатели за да ги чуваат времено. Еден дел оставија во Костенец Бања еден во Враца по роднини и познати. Ги чуваа луѓето како светиња, а имаше и страв одзади. Луѓето лзлегоа верни. На Страшимиров, поетот, бев му дал на чување 3000 лири, во Биолчев — 1000, кај еден доктор, кој што живее со роднини, — 2000 лири. Страшимировата жена Стефка ги чуваше како светиња — ги предадоа. Како за спомен не се сетивме да дадеме нешто, награда, — така чесно се зачуваа. Парите не се зедоа наеднаш од луѓето, што ги чуваа, но постепено, како што се трошеа. Делчев беше повикан од внатрешноста и се образува комисија: Делчев, Н. Малешевски, Туше Дели Иванов и Стефанов, мислам. Тие беа натоварени да решаваат и контролираат по прашањето на парите, имено на оној дел, кој што беше определен да се троши во Бугарија. Еден дел беше определен за внатре и се распредели по окрузите. Повеќето пари се потрошија тука. Никој од директните учесници никаква награда за себе не зеле и никакви промени на нивниот живот полн со лишувања, не последија ниту се забележаа. Овие пари тука, во општи линии, многу помогнаа за подигање на организацијата. Во најголем дел парите отидоа тука за борба против врховизмот.

Уште во участокот кога бев тука, БОРИС беше испратил писмен предлог со настојлива молба да го примиме во нашите редови без секакви услови. Делчев отишол во затвор при Сарафов и после при мене и му се соопшти, оти кога к`е излези од затвор е примен да работи со нас на општа основа, но под услов да не мрда веќе. Ветер! Може ли жива да не мрда?! Откако го ослободија, Борис замина за Европа, — имаше пари ѓаолот. Неколку месеци, откако веќе бев интерниран во Трново добив писмо од Бориса, од Пешта мислам да сум отишол и јас таму за да се сретнеме за некаква многу важна работа по делото. Добив уште две писма во кои што настојува да појдам, зошто само со мене можела да се сврши таа „крупна работа“, ако се откажам, ќе сум извршел голем грев спремав организацијата. Макар да гледав со особена недоверба и макар да претполагав, оти Борис ме вика за некоја нечиста зделка, јас решив да одам дури и пашапортот си бев извадил. Но во тоа време се научив, оти Давидов оди по покана на Бориса во Белград за да се споразумуваат нешто со српската влада и дека истовремено од страна на Цончев отишол во Белград и Јанков. Се сетив, дека за истата работа ме вика Борис. Се посаветував со Малешевски и заедно со него решивме да не одам за да не се замешуваме во такви афери. После разбрав од Бориса, дека тој бил уредил божем со австриската и со српската влада да отпуштат големи суми и дека божем овие владиу изјавиле, дека овие суми ќе ги дадат само на внатрешната организација. Знаејќи Борис, оти нему В.О. не ќе му даде такво полномошно, ме викал мене со надеж, дека јас вакво полномошно можам да си набавам. За одбележување е, дека и националистите цончевци — и тие изгледа, истовремено и независно од Бориса тропале на истите туѓи врати. Штом нема морал и принципи, национализмот е було за да се прикриваат нечисти цели. За мене е многу јасно, дека луѓе, што ја прегрнале системата на исползување склад од мисли за исползување — дека се луѓе со дуќанџиски и шпекулативен ум, кој што нема принципи; опортунизмот е лизгав пат, се разбира, во крупните прашања. Такви поклоници на опортунизмот беа Борис, Цончев,; такви се И Матов, Татарчев. Делчев не беше таков, а само од добродушност и неразбирање се подлизнувал; тој имаше развиено силно морално чувство кое што го упатуваше кон правиот пат. И Даме беше принципиелен, не опортунист само што беше помек. Ние секогаш сме биле во притеснета материјална положба, напати не сме знаеле излез веќе, но ни мисла не ни идеше на ум да најдеме пари со опортунистички дејствија; побрзо бевме готови да грабнеме насила.

Со недели сме спореле со Матов и Татарчев после по ова тема, да стоиме цврсто на принципиелна база, да не се смешуваме со тукашните луѓе, зошто такво смешување претполага жртви. Најпосле Матов и Татарчев тргнаа по патот на опортунизмот. Делчев, кога киниса, им рече: само заедно што ќе извршите со Ѓорчета, ќе го Одобрам. Но тие сосем се предадоа на тукашното општество и почнаа да се лизгаат. Го немаше тоа сознание за цената на принципите — Ѓорче беше за нив тој, кој што е упорит итн.

Од Трново, кај што бев 6-7 месеци интерниран, најпосле се ослободив. За ова време ги водеа работите во споразум со Делчев Стефанов и Туше Дели Иванов. По идеја, дадена од Крбларов, кој што времено беше дашол од Трново, тука тогаш се основа весник „Дело“, издаван во почетокот од П. Јаворов и од Страшимиров и др. како орган на Станишевскиот комитет за борба против Цончев. Истиот правец го држеше и в. „Изгрев“, издаван во Ќустендил од Кепов. Малу по моето враќање од Трново, поради еден атентат со бомба (за пари едно наше хлапе, повеќе Борисов човек, беше фрлило на еден евреин, — и кој виновен, пак Ѓорче) ме растеруваа во Шумен за истрага и оттука се вратив по своја волја во Трноно на одмор 2-3 месеца при Крбларов. Беше ме претплатил на гостилница кај штоо се хранеше, а живеев во неговиот стан. Делчев беше во Софија така да имаше кој да раководи. Додека бев таму, дојде Цончев во Трново за да оснива друштво. Имаше еден-двајца, останати со него, па со нив се обиде да го превземе друштвото што постоеше за да го признае нивниот авторитет. Собранието се одржа во читалната. Јас бев на галеријата. Имаше многу луѓе, осветлени веќе од мене. Цончев не можеше да го превземе друштвото, го поставија на тесно, разбраа дека тој зборува против нашите па го натераа да се извинува, дека божем ме уважавал мене и т.н. Цончев беше принуден да оснива ново друштво со 14 члена. Тука пријателите разбрале, дека цончевистите кроат да ме убијат така да беа дотрчале наши момчиња да ме чуваат. Не знам, што вистина имало во овој слух. И од наша страна се подигаше често прашањето да се посегне на Цончева, но јас и Делчев секогаш бевме против. На два пати и без наше знаење зедоа решение, но штом го научев тоа, претпазував. Јаневци пред Рилскиот конгрес веќе скроиле, дури и куќата му ја разучиле, но предодвратив. Често и против Бориса имаше слични решенија.

После се вратив во Софија. Целиот живот тука беше поголтнат од борбата со врховистите. Станишевскиот комитет ја водеше заедно со Делчев. Врховистите испратиле внатре чети, а организацијата оттука купуваше оружје, експлозивни и други материјали, и се испраќаа и по другите реони внатре. Воглавно се водеше борбата со Цончев. Сарафов 6еше повеќе во странство и беше без значење; стоеше меѓу два огина, никој немаше верба во него. Тогаш го испративме Давидов во Битолско, просто на расположење на организацијата. Давидов беше чуствителен момок; гледајќи неопределената положба, — тој беше фанатичен партизанин, — човек на Сарафов против Цончев — си ги предложи услугите сам да оди внатре. Чесна натура. Беше се занесол по Бориса; тој беше соучесник во сите парични шмеќарлуци, луксузно растураше и тој од оние пари. Тој и Славчо Ковачев за охолен живот трошеа џебови пари. Давидов беше слабоумен и беше каприциозен; целиот негов живот — каприци.

Нека да споменам за една случка со Делчев. Карактеристична е што цончевистите се обидуваа да го бијат Делчев. После првиот годишен конгрес Цончевите офицери беа многу одважни (во време на сарафовскиот комитет). Саракинов влезе во комитетот. Овој див човек внесе елемент на грубост во односите. Настроението беше против Делчев, зошто Делчев во своите обратувања беше порезок и беше јавно недоволен од комитетот, особено после Бозуковата работа. Во едно заседание, во присуството на сите нас во комитетот, стана пререкнување меѓу Делчев и Сарикинов поради постапката на еден тукашен младинец. Во ова пререкнување, како што се рашетуваше Делчев во стајата, Саракинов се пушти како мачка од страна за да го собори, без да се надева Делчев. Делчев беше физички јак, успеа да се закрепи и му се фрли на него, се ааборија. Делчев посегна по камата на Саракинов да ја земе за да го прободи. Делчев не носеше оружје. Јас го видов ова намерение, се фрлив на Саракинов, ја зедов камата и попречив да не стане убиство. Делчев го напушти комитетот со потсмевување. Го последував и јас. После доаѓаа Борис и Давидов да не убедуваат да не се оддава значење на случката. Делчев се убеди така да ја заташкавме работата, не ја соопштивме во Солун. Оваа случка не остана без значење за подоцнежните односи на Делчев кон комитетот и воопште кон офицерите. Тој веќе не можеше да ги трпи. Но нека се вратам кон борбата со врховистите.

Јанков беше отишол во ова време внатре. Станишев се споразумеваше со Стефанов и Туше Дели Иванов и Делчева. Цело време до Цончевото востание јас се држев на страна. Со Делчев се сретнував, а станишевци ги одбегнував. Кај нас беше оформено мнението, дека цончевци се крепат тука од владата, тука од дворецот. Така си помина времето до летото 1902 год, кога борбата со Цончевите луѓе се продолжуваше. Ние веќе знаевме, дека Цончев ќе дига востание. Јас редактирав едно окружно, кое што го испративме од мое име и од Делчева во пограничните околии во Џумајско, Петричко и др. со кое што им ја објаснивме целта на востанието и го потканивме населението да не се подава. Ми се чини, оти Ц.К. — Гарванов и С-ие, знаејќи, дека се нови луѓе и со малу авторитет не замолија ние да го пратиме ова окружно. Гарванов беше решително против Цончевото востание, макар да не беше далеку од идејата за востание. Како комитет, Цончевиот беше популарен, располагаше со средства.

После Шипченските свечености Цончев подигна востание, откако Цончевиот комитет успеа да си образува месни чети на армиски начела во пограничните реони.

После востанието останаа во пограничните реони и во Гевѓелиско врховистичките чети, кои што постоеја на арамиска начела. Тука во Софија се свика од Цончев нешто како конгрес. Присуствуваа и војводи, а решението им било да ги крепат за прво време своите чети внатре, што беа останале после востанието. Беа решиле да се конституират по образец на внатрешната организација. Мислиле, дека ќе можат да ни се наложат нам. Николов се истакна веќе како „Централен комитет“ на „внатрешните врховисти“. Кон крајот на зимата владата на Данев го растури Станишевскиот комитет, го интернира и Станишева во Севлиево или Шумен, не паметам добро, а Каравелова, мислам, во Трново, Цончева во Дреново. Сакале да го интернираат и Михаиловски, кого го донесоа во участок, но овај го замоли министрот да му позволи да отиде во странство. И без секаква основа просто „на општо основание“ и мене ме интернираа во Казанлак, мислејќи, дека сум и јас опасен. Мих. Сарафов ме преследуваше.

Матов и Татарчев, штом пристигнаа, веќе се јавија како претставители на Ц.К. Тие веднаш покажаа дека сакаат да ја играат старата своја првенствувачка улога, пто ја имале во Солун, како да се преспале. Гарванов во нивните очи не можеше да им биде началство; тие си ја продолжуваа улогата и затоа нивниот однос кон Гарванов им беше друг.

Делчев во тукашните борби како да беше се подал на слабоста на нашата организација тогаш, на една привремена малодушност, дека организацијата со своите слаби сили не ќе може да ја продолжи борбата без помош оттука. И затоа се приближил кон тукашните интелегентни кругови за да работи со нивна помош. Резултатот на оваа мисла кај него беше Станишевскиот комитет. Јас не можев од срце да ги подржувам овие дејствија. И во Ц.К. во лицето на Гарванов не го наоѓав тоа што требаше. Овде беше заслабната работата, — борбата против Цончев преку Станишевци и Карајовевци не ми се гледаше сериозна. Знаев, дека пред општеството симпатиите за В. Орг. се поткреваа, морална печалба, но фактичката борба против Цончев не беше добро поставена. Оваа наша слабост го засили врховизмот, кој што цврсто чекореше кон својата цел — востанието. Јас бев душевно веќе опаднат, зошто гледав се`, а немаше како да се противставам, немаше цврсто држење. Уште тогаш се покажавме нетактични, кога ги оставивме на Цончев туку така да ги завземе пограничните пунктови. И на Делчев грешката беше што им гин предаде пушките. Воопште ние се опиравме, каде што можевме и тоа ме очајаваше зошто можевме да се опрема. Кога заминаа првите нивни чети, требаше да се разбијат овие чети, но господствуваа елементи кои што гледаа инаку: Гарванов внатре, а тука луѓе умерени, меки, а имено Станишевци и Карајовев. Исто вакви беа и Стефанов и Дели Иванов. Тие луѓе ли беа за таква љута борба со цончевците? А кога последните ги зедоа позициите, беше веќе доцна. Скоро отстапија да се пренесе борбата внатре. Требаше енергично содејство и одвнатре и оттука. Ц.К. се држеше колебливо, како што беа колебливи и Станишевци, а напротив офицерите беа многу агресивни. И така востанието стана, не можеше да се спречи. Кога беа амнестирани од султанот другари од Ц.К. веднаш ми светна на очи, мислејќи ги, дека се истите какви што беа, и дека ќе можеме да ја продолжиме борбата на старите начела — со здрава мисла и по сигурен пат. Но брзо се разочарав.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина