Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Иван Хаџи Николов

МОЈАТА ДЕЈНОСТ ДО 1893 ГОДИНА

По Берлинскиот конгрес секој од младите заколнатици за ослободувањето на Македонија се посвети на својата приватна работа. А јас цела година поминав во колебање, не знаејќи што да преземам.

Летото 1879 г. добив писмо од Петар Шапкаров, училиштен инспектор во Дупница и Самоков. Во писмото тој подвлекуваше дека имал потреба од учители и ги повикуваше сите што го завршиле Кукушкото класно училиште да заминат за Бугарија и да заземат учителски места во неговиот училиштен реон. Слични писма тој беше испратил и во Прилеп и други македонски градови, во кои вршел учителска работа. Јас се решив да заминам за Бугарија, и на 2 октомври истата година тргнав со кираџии, откако татко ми не снабди со три наполеони пари. Патував преку Велес, Св.Николе и Крива Паланка. Кога стигнав на слободната бугарска земја, не обзеде силна возбуда, и плачев од радост како дете, го скинав фесот, го фрлив настрана и паднав коленички, бакнувајќи ја слободната бугарска земја. Па и сега, кога ќе си спомнам за поминувањето на турско-бугарската граница, ме обзема истото чувство на душевна возбуда.

Од Ќустендил заминав за Дупница и му се јавив на П. Шапкаров. Иако имав само 3-класно образование, тој ме испрати за главен учител во с. Рила. Селаните меѓутоа не ме прифатија бидејќи не знаев да пејам во црква. Потоа пак ме испрати за главен учител во с. Костенец што спаѓаше во Источна Румелија, каде учителствував две години.

За мојот живот и дејноста во с. Костенец ќе го кажам само следново. Во Костенец пристигнав на 13.11.1879 г., и се јавив во црковно-училишната управа, на Николчо Лисицата и неговите другари Маменов и Димо Кафеџијата, на кого му го предадов писмото од П. Шапкаров. Тие ми рекоа дека решението не зависело од нив, туку требало да се соберат сите општински одборници и поистакнати селани, па сите заедно да ме примат и ангажираат за учител. Утредента изутрина отидов во една кафеана, во која се беа собрале околу 25-30 мина селани. Почнавме да се пазариме. Јас побарав 7.000 гроша, а тие отпрвин ми даваа 3.000, и ги покачија на 4.200 гроша годишно, со тоа што соодветната плата за месеците јули, август, септември, октомври и половината од ноември да ми се задржи. Јас се согласив. Утредента го отворив училиштето, и почнав да ги запишувам учениците, чија бројка стаса до 80. Пред моето доаѓање тука учењето било ќелијно. И секој ученик учел одделна црковна книга: псалтир, часослов, минеј, апостол, евангелие. Ги разделив на 4 одделенија, и бидејќи еден не се согласуваше да учи во IV одделение, го запишав за ученик во I клас. При доаѓањето во училиштето секој ученик му донесуваше на учителот подарок: крпа, чорапи, кошула, прехранбени продукти. Јас тоа го сметав за мито, и откажав, одбив да ги примам нивните подароци. По неколку дена во училиштето дојде Никола Лисицата, па ми вели: „Ами што правиш ти, учителу, што ги враќаш подароците од своите ученици. Дали знаеш дека со тоа ги навредуваш нивните родители? Тоа е обичај, и треба да ги примиш подароците што ти ги донеле. Инаку ќе се зголеми незадоволството меѓу селаните, дотолку повеќе што некои од чорбаџиите се незадоволни од тебе, бидејќи не знаеш да пееш во црква.“

Немаше што да се прави и почнав да ги примам донесуваните подароци. За храна секој ученик во ред на смена ми донесуваа ручек и вечера, се разбира секогаш празнична гозба. Раководејќи со четири одделенија и еден класен ученик, работев од утро до вечер, а во неделните и празничните денови во црквата читав проповеди од „Софронието“. Отворив и неделно училиште за возрасните неписмени, и им држев предавања за штетноста на алкохолизмот и против други човечки пороци. Претрупан од многу работа, неколкупати побарав да ми се додели помошник. Најпосле молбата ми беше уважена, и за мој помошник назначија еден писар од некоја установа во градот Т. Пазарџик, со плата од 8.500 лева - двојно поголема од мојата. Овој мој помошник се покажа незгоден, и наскоро беше отпуштен, така што до крајот на учебната година останав сам. По завршувањето на учебната година, кај мене дојде целата управа. Претседателот го изрази задоволството на селаните од трудот што сум го вложил, и благајникот ми ја исплати платата за целата година, и уште 10 лири подарок, велејќи ми дека ако се согласувам да останам и идната 1880/81 уч. година за учител, ќе ми се плати 7.500 гроша, и ме обврза да си најдам помошник со плата до 5.000 гроша. Се согласив и заминав за Софија, благовремено, да си најдам свој помошник. Во Софија пристигнав кога го уриваа турскиот конак, за да се изгради на тоа место дворецот за кнезот. На улицата Трговска случајно го среќавам Стефан Карчев, учител во с. Рила, од кого при моето поаѓање за Костенец му бев зел на заем 30 гроша. Му ги вратив, и му заблагодарив за услугата, и го запрашав зошто е дојден во Софија. Ми кажа дека бидејќи училишната управа одбила да му ја зголеми платата од 2.000 гр. на 2.500 гр., тој решил да побара учителско место другаде. Му кажав дека јас барам учител-помошник, и ако се согласува да дојде со мене во Костенец, ќе добива годишна плата 5.000 гроша. Се согласи, и уште утредента заминавме за селото, во кое тој остана, а јас заминав за манастирот „Св. Петар“, близу до Пазарџик, за да го посетувам тука формираниот летен педагошки курс.

Во почетокот на септември го отворивме училиштето. Карчев го презеде врз себе и раководењето со I и II а јас со III и IV одделение. Учениците пак почнаа да ни носат подароци, и собравме 1.000 кгр. пченка, 300 кгр. грав, еден сандак јајца, едно каче сирење, што си ги поделивме. Успешно ја завршивме учебната година, и откако се видов со пари в раце, решив да продолжам да учам во Пловдиската гимназија. Пред да го напуштам селото, ги собрав учениците, им дадов упатни совети и им подвлеков дека никогаш не треба да ги заборават другите поробени бугарски земји, што треба да ги милуваат, како што ја милуваат слободна Бугарија.

Во Пловдив се сретнав со Гоно Миндов, ученик од V клас, мој познат уште од Кукуш. Се запознав и со Благоја Димитров, Хр. Иванов, Попов и др. сонародници. Заедно со нив го поминавме распустот во станимашкиот манастир Св. Петка, во кој се подготвив за приемниот испит, што успешно го положив, и стапив во IV кл. По завршувањето на IV клас, распустот го поминав во Самоков, од каде испратив дописка во весникот „Марица“, (бр. 404 од 3 август) за учебното дело во областа (Ист. Румелија). Дописката беше коментирана поволно од редакцијата.

Откако ми завршија парите, требаше наново да се оддадам на учителскиот повик. Токму во тоа време, додека водев преговори да се главам за учител во Клисура, од Цариград пристигна Кузман Шапкарев, мојот бивш учител во Кукуш, и кога се сретнавме ми кажа дека дошол од страна на Егзархијата да бара учители за солунските бугарски училишта, и мошне настојуваше бездруго да прифатам да станам главен учител во Солунското основно училиште. Јас со задоволство го прифатив неговиот предлог, и заедно со Ал. Битраков, ангажиран за учител во истото училиште, заминав за Цариград, а оттаму заедно со Трајко Китанчев, Божил Рајнов, К. Стателов и други ангажирани за учители во Солунската гимназија, заминав за Солун.

Во Солун останав до декември 1882 г., кога по мое барање бев преместен во гр. Воден. Од моето престојување во тој град ќе ми остане запечатена во сеќавањето мојата средба и разговорот со истакнатиот гркоман X. Бинчев. Еден ден тој ме повика дома кај него, и ми вели дека неговиот внук, што завршил медицина во Атина, сака да се ангажира со лекарска практика во Кукуш, поради што ме замоли да му дадам препорака до кукушките граѓани, да го прифатат наклонето. Му напишав таква препорака, но на аџијата усно му реков, дека тешко неговиот внук да наиде на успех во нашиот град, бидејќи сите кукушани се егзархисти, и не ги сакаат гркоманите, поради што и тој треба да се изјасни за егзархист. „Па и вие треба да се освестите и да станете егзархист, бидејќи во Воден нема Грци". На тоа тој ми одговори: „Да, ние признаваме дека сме Бугари. но го имаме во предвид следново: грчкиот владика и сите истакнати Грци што доаѓале и доаѓаат тука, и со кои сум имал допир, категорички изјавуваат дека и до каква и да е промена на политичките граници и да дојде во иднина, Воден ќе остане во рамките на Грција. При таква положба на нештата, нема смисла сега да стануваме егзархисти, кога утре ќе треба пак да стануваме гркомани“. Се разбира, јас му приговорив дека нема никакви изгледи Воден да влезе во границите на грчкото кралство, но тоа не го поколеба, истакнувајќи дека грчките државници првенствено водат една национална политика, која на крајот на краиштата ќе триумфира и наспроти нејзините привремени неуспеси.

Во 1883/84 и 1884/5 година бев учител во Кукуш, во кој нашето црковно-училишно дело беше зацврстено, и веќе имаше свои традиции.

Во 1885/1886 г. бев назначен за учител во Лерин. Во тој град гркоманите беа прилично силни. На 6 јануари 1886 г. кај мојот стопан дојдоа на гости околу 20 мина млади луѓе, гркомани, на чело со нивниот водач некој си Иванче. Стопанката ме замоли да ги примам во мојата одаја, и јас се согласив. Уште со влегувањето тие почнаа да пеат бугарски песни. Огкако испеаја неколку песни, Иванче ми се обрна, велејќи ми:

- Г-н учителе. како што гледаш и ние сме Бугари!

- Каква полза од тоа што признавате дека сте Бугари, кога одите во грчка црква, во која слушате да се чати апостолот и евангелието на грчки, без да можете да разберете нешто, а не доаѓате во нашата, за да разберете сe.

- Ами ако сакам, јас можам да го читам апостолот на бугарски и во грчката црква.

- Нема да ви дозволат.
- Како нема да ми дозволат. Јас ќе речам дека сакам на мојот именден да го прочитам апостолот на бугарски, и толку.

- Ќе ти кажат, ако сакаш да чатиш апостол на бугарски, оди во бугарската црква, и таму чати го. Тука е грчка црква.

- Па и да не ми дозволат, јас ќе го прочитам и толку.

- А јас пак ви велам, дека ако вие во грчката црква го прочатите апостолот на бугарски, сите вас, што сте тука, ќе ве нагостам со богата вечера, а ако биде инаку вие ќе дадете вечера за сите нас.

- Без грижа, г-н учителе, нема да кажам дека вие сте ме натерале да го сторам тоа. Ќе речам дека самиот јас сум го сакал тоа, да го прочатам така, и толку.

По овој разговор ние се разделивме. Утредента - на Иванден, ја очекував новоста дека во грчката црква ќе се чати апостолот на бугарски. Меѓутоа, уште попладне нашиот разговор и обложувањето станале познати на грчката митрополија, во која било повикано момчето Иванче, и му се сугерирало дека, ако тој си дозволи да прочати апостол на бугарски, вооружени момчиња ќе му се спротивстават, и за да се избегне крвопролевање, бил замолен да се откаже од својата намера. Вечерта кај мене доаѓа Иванче и ми јавува за горното, и ме замоли да го раскинеме обложувањето. На тоа јас му одговорив:

- Па нели јас ви реков дека нема да ви дозволат? Сега јас не го раскинувам обложувањето. Ако сакате, вие раскинете го.

- Штом вие не го раскинувате обложувањето, и јас нема да го раскинам и јас ќе вооружам десетина мина од моите другари, па нека биде што ќе биде.

На Иванден, на богослужението, кога дошло време да се чати апостолот, Иванче се качил на владичкиот престол, и почнал да го чати апостолот на бугарски. Веднаш му се нафрлиле десетина момчиња, да го истуркаат од престолот. Се смешуваат и неговите другари за да го бранат, туку тој бил истуркан надвор од црквата. По богослужението, грчкиот владика свикал седница со епархиските советници. На седницата го доведуваат и Иванче, и го тераат да изјави дека бил измамен од бугарскиот учител да го прочати апостолот на бугарски. Иванче сепак одречувал се` до крај, и со тоа ме избави од беда.

По таа случка моето престојување во Лерин беше невозможно. Требаше да се преместам другаде. Туку мојата желба да си го продолжам образованието беше незапирлива, и решив до завршувањето на учебната година да се подготвувам за запишување во некое трговско училиште. Во тоа ми помогна и случајот. Поради обединувањето на јужна и северна Бугарија, Антон Трпенов, ученик во Свиштовското трговско училиште, не можеше да замине за Бугарија. Ги користев неговите учебници и белешки, и по завршувањето на учебната година, заминав за Свиштов, каде се пријавив за приемен испит за I година, и се запишав во втората.

Во тоа време дојде до симнувањето од престолот на кнез Батемберг, а во февруари 1887 г. по пристигнувањето на Каулбарс дојде до бунтот во Русе, во кој беше замешан и директорот на трговското училиште Русинот Красилников, што избега и училиштето се растури. Тогаш решив да заминам во Виена, за да продолжам со учењето во тамошната трговска академија. Меѓутоа, наместо да останам во Виена, решив да продолжам да учам во Линц, каде што имаше слично училиште. Откако се подготвив, положив за втората година, а во 1888 г. успешно ја положив III година со многу добар успех.

По завршувањето на Трговската академија во Линц, се пријавив во Егзархијата за учител, и бев назначен за учител по аритметика во долните класови на Солунската гимназија, и за сметководство во IV, V и VI клас. Ми се додели и надгледничка должност во пансионот.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина