Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Иван Хаџи Николов

МЕРКИ ЗА ЈАКНЕЊЕ НА РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА

Втората седница на шестмината стана во јануари 1894 година. Предложив да ја прошириме Револуционерната организација меѓу интелигенцијата во цела Македонија, и за да го узнаеме нејзиниот менталитет и нејзиното расположение спрема ослободителното дело, при среќавања да се изнесува прашањето за политиката на Егзархијата, како што постапив и јас при изборот на своите први другари, па оние што ќе се изјаснат позитивно за егзархиската централистичка политика да се сметаат за ненадежни, а пак оние што ќе бидат за децентрализација на нашето црковно-училишно дело во Македонија - за надежни и да бидат посветувани во револуционерата идеја, при што да им се постави за задача секој во својот реон да формира кружок од испитани и борбени другари. Предлогот ми беше прифатен и на П. Арсов му се постави задача да напише брошура под наслов „Стамболовштината во Македонија“. Брошурата ја отпечатив во текот на распустот во Софија, и откако пристигна во Солун, таа беше растурена до познати во цела Македонија. Резултатот од брошурата беше охрабрувачки. Множество од учителите го споделуваа нашето гледиште и таквите беа посветувани во револуционерното дело и заколнувани на крстот.

На една од следните седници решивме во Солун да основаме неделно училиште, божем за неписмени и недостатно писмени, во кое ќе имаме можост да узнаеме за духот и гледањата на членовите, и потем тие да бидат посветувани во делото, та на таков начин да се прошири солунскиот кружок. За учители - раководители на неделното училиште ги одредивме Дамјан Груев и Лазар Димитров. Овој последниов и Тане Мурџев беа првите наши последователи во Солун. Програмата во неделното училиште се состоеше во: малку читање и сметање, а повеќе читање и раскажување за Француската револуција, за италијанското обединување, за Гарибалди и слично - воопшто прикажување за востанија и револуции. Откако се уверивме дека меѓу солунското граѓанство има почва за револуционерната идеја, по двомесечно функционирање, го затворивме неделното училиште.

На истата седница за претседател на Цетралниот комитет го избравме д-р Хр. Татарчев, за благајник - Дамјан Груев. При изборот на благајник сите настојуваа јас да бидам тој, но јас одбив, откако им објаснив дека како трговец - книжар сите противници на Револуционерната организација, какви што во иднина бездруго ќе се појават, ќе почнат да ме обвинуваат дека со пари на Комитетот правам трговија, и преку тоа ќе сакаат да не компромитираат и мене лично и Организацијата. Поради тоа е подобро благајната да е подалеку, настрана од мене и слични на мене трговци. Моите другари добро ги сфатија моите доводи, и со благајната се ангажира Д. Груев. За постојан лрезидиум ги избравме: д-р Хр.Татарчев, Д. Груев и мене. Но д-р Татарчев во тоа време беше дал отказ на должноста училишен лекар, и беше останал во Солун, вршејќи слободна практика, и бидејќи отпрвин немаше достатно клиентела, јас и Даме го ослободивме од сите дневни работи, за да може да трча по пациенти за да си создаде поголема клиентела за да може да остане во Солун, па според тоа и во Централниот комитет. Главната работа за нас двајцата се состоеше во тоа да водиме шифрирана кореспонденција со провинцијата, и да организираме средби со нашите луѓе што доаѓаа од провинцијата во Солун.

Во време на велигденскиот распуст во 1894 година управата на Солунската машка гимназија организира забавен воз до град Серез. Двајцата со Даме решивме да отидеме во Серез, за да се сретнеме со Хр. Матов, тогашен директор на Сереското педагошко училиште, и да го привлечеме во редовите на Револуционерната организација. По нашето пристигнување во Серез, во училишната канцеларија Даме ме запозна со Матов, и веднаш фативме разговор за Револуционерната организација, со предлог и тој да влезе во неа. На таа тема прикажувавме подолго време, туку Матов не се согласи да влезе во Организацијата, за да си остане, бездруго верен на себеси, што при секоја следна прва средба го даваше својот постојан одговор „ќе си помислам“. Подоцна ние ги придобивме за Организацијата во Серез учителот Благој Калејчев и книжарот Ат. Ников, па и во тој грчки центар успеавме да создадеме органи на Организацијата. Воопшто, може да се рече дека уште во текот на 1894 година ние имавме јадра и кружоци речиси во сите градови во Македонија.

Во текот на август 1894 година престоеше да се освети новоизградената црква во гр. Ресен. Ние решивме да го искористиме тој повод за Организацијата. Како наши претставници за Ресен заминаа д-р Хр. Татарчев и Д. Груев, родум од Битолскиот вилает. Ја средивме така што свеченоста да биде посетена од учители и луѓе од интелигенцијата, посветени и непосветени во делото, од соседните на Ресен градови (Битола, Охрид, Прилеп и др.), така што по посветувањето на црквата нашите претставници да ги повикаат сите поканети учители и луѓе од интелигенцијата, како гости на собрание, на кое, небаре за првпат, да се постави прашањето: дали не е време да се започне со активност за ослободувањето на Македонија и како да се работи во таа насока. Посветените да кажат „да“, за да се повлијае на непосветените. На одржаното собрание грамадното мнозинство од присутните се изјасниле дека е време да се почне со активноста за ослабодувањето на Македонија и да се основа соодветна оранизација. Спротивно мислење имале Н. Наумов и неколцина други. Собранието во Ресен имаше карактер на состанок на посветени и непосветени, и не може да се смета како собор - конгрес.

Пред Велигден 1894 г. претстоеше да се избере нов црковно-училишен казалиски (на Солунската кааза) општински совет. Имајќи во предвид дека општината е важен центар, од каде ќе може да се дејствува преку учителите, свештениците и највидните луѓе во селата за проширувањето на Организацијата, решивме и ние да се кандидираме. Нашата листа, на чело со д-р Татарчев доби 90% од гласовите. Опозицијата го оспори изборот пред Егзархијата, која ги потврдуваше изборите, образложувајќи го оспорувањето со тоа дека ние сме добиле на изборите благодарејќи на големата агитација, што сме ја вршеле, и моли тој избор да не биде потврден. Како последица на таквото оспорување новоизбраната управа не беше потврдена во текот на Ш месеци. По 10-месечно чекање, наместо потврдување од Егзархијата, се доби нов правилник по силата на кој треба да се организираат изборите за црковно-училишни казалиски советници. Правилникот предвидуваше изборите да бидат посредни преку застапници. Изборите извршени и според новиот правилник донесоа победа на нашата листа, на чело на која стоеше д-р Хр. Татарчев. Ова ги разлути противниците на такавиканата „егзархиска паратија“ против нас.

На истите предвелигденски седници во 1894 г. беше решено да се направат посети низ провинцијата, и да се стапи во непосреден контакт со познати луѓе за проширување на Организацијата Ние си ги поделивме реоните вака: д-р Хр. Татарчев да патува на линијата Солун - Кукуш - Дојран; Даме Груев - на линијата Солун - Воден - Битола, а јас - Солун - Криволак - Градско - Велес- Скопје, и тоа секој на свој трошок. Д-р Хр. Татарчев и Д. Груев направија неколку обиколки, а јас продолжив до 1900 година. Тие обиколки ни дадоа одлични резултати. Посветените сили од интелигенцијата ги проширија кружоците, и такви почнаа да се основаат и во помалите градови и по селата, од каде граѓани трговци, што доаѓаа во Солун, почнаа да ме распрашуваат дали навистина влегувам во Револуционерната организација. Така, трговецот Јанчев од Гевгелија еден ден во 1895 година дојде кај мене, па ми вели: „Нашите учители ми кажуваат за една работа во која сте биле и вие со др-р Хр. Татарчев. Дали е тоа вистина?“ Јас му одговорив: „Дали ме прашуваш за Револуционерната организација?“ - „Да! - ми одговори тој. - „Да! И јас сум внатре во неа“. Другпат кај мене доаѓа кумановскиот трговец Сечков и ми ги постава истите прашања, па и на него му одговорив исто така и слично. Честите распрашувања и поставувања на различни прашања не натераа најпосле да решиме да се напише внатрешен правилник-статут, чие подготвување ми беше поставено во задача на мене во 1895 г, и да го испратиме во препис во поважните центри.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина