Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Пандо Кљашев

I.

Биографски податоци

Роден сум во селото Смрдеш (Костурско), на 29 септември, 1882 година. Татко ми беше ѕидар, родум од Смрдеш, а мајка ми од блиското село Брезница. Во своето село учев од прво до четврто одделение, во бугарско училиште. Во Смрдеш живеат најзапалените гркомани. Во Костур завршив трети клас, а од четврти до шести клас учев во солунската гимназија. Седмиот клас го учев во Битола. Гимназијата ја завршив во 1899-1900 година. Идната година бев учител во Смрдеш, а на крајот на учебната година, во јули и пристапив на востаничката чета и оттогаш сето време го минував со четите. Уште во Солун, на 20 декември 1898 година, заедно со неколку другари од класот (шести клас), бев вклучен во револуционерното дело. Тогаш во Солун имаше две партии: централистите - на чело со Хр. Матов, Хр. Татарчев, Хаџи Николов и Пере Тошев и врховистите со - Гарванов, Колушев, Хаџи Мишев. Со нив беше и Наумов. Јас и моите другари не знаевме дека постојат разлики меѓу двете групи, а ги симпатизиравме Хр. Матов и Пере Тошев. Во револуционерното дело бевме упатени од Гарванов и Колушев, но не директно, туку посредно. Од книгите што ги имав прочитано, кои извршија влијание врз мене, се сеќавам на расказите од Каравелов, „Под игото" од Вазов и делата од Ботев. Организиравме приредби, а со собраните пари купувавме книги. За распустот по седмиот клас бев в село, а седмиот клас го поминав во Битола. Мојот другар Лазо Москов ми објасни дека имало расцеп меѓу Гарванов и Матов. Дури тогаш сфатив што значеле објаснувањата на некои другари, дека сме припаѓале на другата група. Од Москов дознав дека Гарванов, Колушев и компанија сметале дека не треба да се дејствува на револуционерен, туку на еволутивен начин, односио преку училиштата, преку културно издигнување и сл., додека другите се залагале за - револуција.

Сега знам дека расцепот бил последица на амбициите. Гарванов и Колушев имале намера поцелосно да се ангажираат и да навлезат подлабоко во делото, за да имаат поголемо поле за работа. Со Гарванов беше Самарџиев, книжар, а со Матов - Хаџи Николов, исто книжар. Гарванов е родум од Стара Загора, Колушев од Одринско. Матов и компанија дејствуваа повеќе тајно, не се покажуваа, беа резервирани.

Во Битола дејствував како ученик меѓу учениците. Целта беше колку што е можно повеќе да ги подготвиме понадежните ученици од четврти до седми клас. Постигнавме многу; ги групиравме сите подобри ученици и дававме тон во целото училиште. И меѓу учителите имаше вклучени во делото. Учители тогаш ми беа Дамјан Груев, кој ми предаваше географија, а во долните класови геометрија со цртање и боење; Герџиков Михаил, предаваше француски, а се претставуваше со името Луканов Тодор, божем завршил хемија; Васил Пасков, предаваше психологија, логика и историја.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина