Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Пандо Кљашев

XI.

Прв судир со Турците. Последиците. Таен грчки комитет. Смртта на Марко војвода

Откако среќно стигнаа скриените пушки исто и првата група, и покрај тешкотиите, одново испративме добиток за нови пушки. Бидејќи на Комитетот не му се исплатуваше да ги поднесува трошоците на групите, поради грчките препреки тие се одолжуваа, и бидејќи групите се нафаќаа сами да одат на свој ризик, Комитетот веднаш и плати на првата група. Со големи маки добитокот, натоварен со патрони и пушки, повторно се врати.

Додека Чакаларов беше во Грција, дојде до првиот судир во Костурско. Ноќта помеѓу 11 и 12 февруари, во селото Шестеово, четата со 6 четници се судри со турската жандармерија (организиран џган од Арнаути, бивши разбојници кои бркаа други разбојници). Стигнавме во Шестеово и се разместивме во две куќи. Кузо отиде да се види со учителката Василка Иванова на која и беше вереник и Петров, кој беше во втората куќа отиде дома (тој беше од истото село). На патот од Сетома за Шестеово беше не виделе Турци, кои чекале со кучиња за лов. Тие не следеле, испратиле известување во Костур, а оттаму дошла жандармерија. Пред да се раздени ни јавија дека доаѓа аскер. Брзо се собравме и тргнавме да излеземе од другиот крај на селото. Но неочекувано пукнаа пушки и Кузо, кој одеше напред падна. Беше погоден во десната рака и во градниот кош. Со револверот в рака се стрча во првата куќа и се затвори. Турците го бркаа. Ние не го видовме зашто беше 30 чекори пред нас.

Едниот другар, Киријако успеа да избега уште при првиот истрел. Останавме ние четворица - јас, Петров, Кољо и Наке. Фативме позиции. Еден Турчин покосивме блиску до нас. Се пушти вториот и него го покосивме. Од нашите падна Наке. Ранетиот Кузо сакале од куќата во која бил да го префрлат, но кога виделе дека е тешко ранет и дека раката му е скината, сакале да го префрлат во куќата во која живееше неговата вереница, учителката. Таму тој одлучил да се самоубие; му се придружила и учителката и тие двајцата се самоубиле, откако претходно ја заклучиле вратата од собата. Другиот ден Турците ја скршиле вратата и ги нашле мртви. Ние се скривме во една куќа, имаше скривница, давајќи две жртви - Наке и Кузо. Турците отепаа и двајца од селската стража, така што вкупно станаа четворица. Петров се извлече и собрал 60 вооружени селани од Кономлади, Турје, Поздивишта кои стигнаа до Црновишта - два часа од Шестеово. Но кога разбрале дека сe завршило се вратиле назад. Москов им испратил писма и на другите села да бидат подготвени за помош, но немаше потреба.

Иванчо подробно кажал за сите убиства што ги изврши Комитетот до тогаш, поради што беше ослободен и Хусеин-бег, кој беше обвинет за убиството на Касим. Се обелодени и убиството на Сотир, убиството на Трајков во Косинец и др. така што сите убиства му се припишуваа на Комитетот. Бидејќи се дознало дека бимбашијата и Иванчо земале поткуп, Турците без судење ослободија 40 затвореници во Корча, меѓу кои беа и првите организациони работници на Комитетот, дури и убиецот на Касим, Васил Бекаров.

По случката во Шестеово двете чети се соединија, а ги водеше Москов. Поп Трајков се сретна со Коте, сe му прости и го натера со четата да оди во Преспа, велејќи му уште да не шета низ нашиот реон, да не ги прибира отпадниците кои бегаат од нас и воопшто направи привремен компромис. Бидејќи поради нашите организациски работи многу се задржувавме, по два дена во едно село, четата која не следеше безделничеше, а тоа лошо се одразуваше врз момчињата. Затоа одлучивме четата под водство на Митре Влашето да се одвои и да се движи послободно, а ние по селата да се позанимаваме со организациските работи. По случката во Шестеово, Петров се отцепи од нас, незадоволен од подредената положба. зашто требаше да бара дозвола од мене, да цобара отсуство и сл., а тој имаше врски со многу жени, па нашата контрола тешко му паѓаше. Откако се отцепи, отиде кај Коте. Ние по прашањето на моралот бевме строги, особено во однесувањето со жените. Еднаш во Брајчино, во Преспа, домаќинот божем случајно испукал од револверот и право во главата на Петров. Умре во мај 1902 година.

Чакаларов во Грција разбрал дека Коте има врски со грчкиот владика. Ние во почетокот не верувавме, но најпосле се уверивме. Повторно решивме да го ликвидираме, но повторно не успеавме.

Јас и Чакаларов со половина чета отидовме во Корешта, а Москов и Митре во Пополе.

Во Поздивишта тогаш беше формиран таен грчки комитет. Селаните ни кажаа дека владиката им ветил бесплатни грчки пушки, дека ќе дојде грчка чета и сл. Јас и Чакаларов се обидувавме да ги фатиме нишките на тој нов комитет. Во Грција еден член на тој комитет, Георги Ѓамчето, сакал да го убие Чакаларов, но тој тоа го насетил и му избегал. Затоа сега ние со Чакаларов го фативме Георги Ѓамчето, како и поп Илија од Поздивишта, јадрото на комитетот. Ноќта на 5 мај, го извлековме поп Илија од дома на планината Лисец и му кажавме дека ќе биде казнет со смрт. Тој напиша писмо во кое се исповеда и во кое го проколна грчкиот владика, признавајќи сe и велејќи дека заслужил да умре. Призна дури дека Георги Ѓамчето бил испратен да го убие Чакаларов.

По оваа екскурзија, бидејќи немавме пари, решивме да го фатиме гркоманот Аристотел Лумбуров од Костур, миогу богат, родум од Д'мбени. Нему му беше испратена потврда која не беше платена. Оваа работа требаше да ја заврши нашата чета. Проценивме дека е добро да го пратиме Поп Трајков во Бугарија, за да се сретне со Делчев и да му рече да ни прати човек со воено искуство. Во тоа време Делчев ги назначи Попов и Калканџиев за војводи, со неколку момчиња. Поп Трајков ги сретнал во Атина. Бидејќи Поп Трајков беше болен (имаше кила) отиде во Софија, кај шго го оперираа.

На 31 мај, на патот меѓу Трстеник и Капештица успеавме да го фатиме Аристотел. Ги отепавме двајцата заптии кои го придружуваа. Го фативме со жена му и со детето кое имаше една и пол година. Кога ги слушнаа пушките, тие многу се исплашија. Особено се преплаши жената, која беше Арнаутка. Чакаларов им се обрати на арнаутски, момчињата на грчки, па малку се смирија. Ги потеравме коњите. Патем разбраа дека сме комити, па се смирија уште повеќе. Ги донесовме до Волканова чешма, во Смрдешката Планина. Таму ги чуваше стража. Еден од трговците кој со нив беше успеал да избега, отишол во Биглишта, од каде што мудурот тргнал со 60 души да не брка. Ние бевме 13. Два часа пред да се раздени, потерата се доближи до нас. Залудно пукаа Турците. Ние решивме да ги пуштиме и двајцата - и мажот и жената, зашто беа младоженци. Требаше да ја задржиме жената, зашто тој вети дека добороволно ќе даде извесна сума, но не го одржа ветувањето. Малото детенце врескаше, со што ја доведуваше во опасност четата.

По оваа случка, со Москов го блокиравме патот за Ресенско за да го ослободиме Павел Христов, кого го носеа во Битола, но не успеавме. Дознавме дека Попов не можел да ја мине границата и дека се удавиле во реката. Пративме курир со 10 лири, но и курирот беше затворен. Кога Поп Трајков во Софија дознал за несреќата на Попов, заедно со Делчев одредиле нови војводи. Тоа беа - Георги Папанчев од Сливен, од школата на резервните офицери, и Никола Андреев од Мокрени. Тие тргнале директно и на 2 јули стигнаа во Костурско.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина