Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Славејко Арсов

II.

Состојбата со револуционерното дело во Кичевско во 1899-1900 година. Апсењето на Арсов; 14 месеци в затвор

Делото го најдов во ваква состојба: дотогаш предавања се одржувале во училиштето, божем неделно училиште, каде што, божем, се запишувала помош за училиштето, а всушност се запишувале работници за делото. Немаше ништо создадено, поставено на здрави основи. Јас ја зедов работата како раководител, при сите опити одново да се возобнови „неделното училиште" за да можев таму да се за-ознам со сите младинци. Не успеав да формирам солиден комитет иако беа групирани околу мене надежните младинци од градот на кои им ја проповедав идејата, тајно им читав весници. Тогаш од Битола доаѓаше хектографираниот весник „На оружје", што го уредуваа - Пасков Васил, Герџиков, Груев Дамјан и Мартулков, кој имаше завршено Вишо математичко училиште. Вишото училиште извесно време го посетувале и Герџиков и Дамјан Груев. Не сакав околу себе да ги имам само младите луѓе од градот, туку се запознав и со постарите работници од кичевските села. Кај мене доаѓаа луѓе речиси од сите кичевски села, ги покрстував, им раскажував, ги внесував во некои сложени прашања. Сe уште немаше организирани раководни тела по селата и носители на идејата беа поединци. Тие ја ширеа по роднини и пријатели. Доаѓаа сe повеќе лица, за да ги покрстам. Архиерејските намесници, главниот учител и неколкумина градски и селски учители ми беа другари. Но сe уште немавме конституирано раководно тело и речиси целата работа ја водев тајно. Така беше до Велигден 1900 година. Со дозвола на владиката, отидов во обиколка со еден сејмен како инспектор (во Кичевско има многу турски села, а имаше и турски разбојнички чети). По обиколката ги проучив местата, состојбата на населението, но сејменот беше сето време со мене, па не можев да се впуштам во разговори со селаните. Во текот на две недели обиколив 17 села: тоа беа главните села во кои имаше отворени наши училишта. Затекнав многу силна српска пропаганда во Кичево и во селата (во Поречието 36 села беа србомани). Србите таму беа присутни од 1892-3 година; дејствуваа со пари, со по 5 - 10 лири ги добиваа печатите, а ги имаа примамено и првенците и свештениците. Најпосле се судривме со србоманската партија која постојано нe клеветеше кај Турците од кои, пак, настрадаа многу наши учители. Сето време кореспондирав, и за се што се случуваше во Кичевско, му рапортирав на Дамјан Груев. Ми пишуваше и тој и ме информираше за поважните случувања во Македонија (со хемиско мастило и со шифри!) Кореспондирав и со Лука Џеров, кој го обиколуваше Дебарско. И таму српската пропаганда имаше фатено корен. Во Поречието села со бугарски учителишта имаше 4: Локвица. Вир, Суходол, Сланско; во Рабетинкол: Орланци, Свето-Враче. Вранештица, Карбуница, Кладник. Белица, Козица, Извор, Лаштани, Ехловец, Јаголдоленци, Бигордоленци и Пречистенски манастир. Србомански училишта имаше низ цело Поречие и во Козичани. Поп „Мисајле", србоманскиот свештеиик во Кичево, родум беше од Кичево. Неговиот син Станко беше учител во Кичево. Во градот само власите беа со него. Тогаш се случи еден настан. Имаше една бугарска четичка од неколку лица која наумила да им се одмазди на Турците. Четата го пречека во заседа дебарскиот бег, Абдураман-бег кој беше со уште двајца други бегови и двајца сејмени и сите ги отепа. Водач бил некој си Дуко од селото Јудово, Кичевско. Овој настан предизвика сомневање кај кајмакамот, по дошепнувањето од србоманскиот свештеник, дека во сето тоа е замешано бугарското учителство. Кајмакамот тоа го прикри, зашто пред тоа му јавил на валијата дека во неговиот реон нема комити и целата работа ја направи како беговите меѓу себе сами да се испотепале. Тој посочил други бегови кои тоа го правеле, божем, поради крвна одмазда. Во Дебар затворија некои, но открија и некои наши. Еден пијаница. Јане од селото Рајца (Дебарско) кажал сe за половина ока ракија. Кажал дека е тоа дело на комитите. Уште посочил дека во Дебар и Кичево се замешани учителите. Кајмакамот намерно го затвори Јанета, но Мојсилета го потурна целата работа на јаве да ја извади. Кајмакамот не сакаше тоа да се отвора, но набрзо се искара со владиката Козма и од инает ги извади кажувањата на Јане и чекаше погоден момент. Тоа се случуваше од крајот на јуни до 15 јули 1900 година. Тогаш се рашири глас дека дошле четници кои ќе послужат како терористички групи. Бидејќи знаев дека сум обележан, го напуштив Кичево и отидов во Битола. Таму не најдов никој освен Пасков. Груев беше интерниран во Смилево, откако бил наклеветен. Со него се сретнав во манастирот во Цапари (4 часа до Смилево). Разменивме мисли за иднината на делото. Тој порано уште ми соопшти дека следната година ќе бидам учител и раководител во Прилеп. Се согласив. Малку подоцна (на 5 август 1900) Груева го затворија во Битола. На 6 август отидов во Прилеп и се фатив за работа.

Дотогашен раководител беше Атанас Иванов, прилепски учител. Во Прилеп затекнав организирано раководно тело, исто и по селата. Имаше поделеност поради кавгата меѓу книжарницата на Николов и Самарџиев. Кавгата се пренесе и во делото и отидоа дури и во крајности. Додека се запознав со работниците, и градските и селските, додека ги средивме сметките и сл. поминаа околу два месеца. Имаше веќе и четници - терористички. Убија еден Турчин - полјак во Прилепско, шпион. Потоа во Мариовско уништија една разбојничка турска банда, откако ја нападнаа од заседа. Двајца убија, а двајца побегнаа. Едни Турци од Охрид беа убиени од четата итн. На 8 септември, наместо Дамјан Груев дојде Пасков, како окружен раководител, да ја средиме работата подобро. Една вечер се собравме во куќата на Атанас Иванов, за да ги видиме сметките. Таму беше и Силјанов. Некој нe беше предал, ја опколија куќата и утрото од постела нe станаа. Предавникот беше откриен подоцна и беше убиен две недели потоа. Атанас Иванов го ослободија, а нас тројцата нe однесоа во Битола. Градоначалникот нe испраша малку и нe ослободи со два-три збора со кои се обиде да не убеди да не одиме и понатаму по тој пат затоа што сигурно ќе биде лошо. Без Пасков заминавме во Прилеп. Него по некој ден го интернираа во Солун. По две недели - на 5 октомври - дојдоа во училиштето 2-3 заптии и прашаа кој сум и сл. и побараа лично да ме претресат. Го направија тоа, а потоа од дома ги собраа сите книги, но ништо не најдоа, освен една општа историја (превод од руски). Во неа се говореше за колежот во Батак, замешаноста на Русија и ослободувањето на Бугарија. Ме однесоа во уќуматот и оттаму, по заповед на кичевскиот кајмакам, врзан ме однесоа во Кичево. Суварот, коњичкиот стражар, за бакшиш ми ги симна лисиците. Вториот ден ме викна полицискиот, ми кажа, како што им рекол оној пијаница Јане, дека сме сакале да го убиеме попот, дека сме биле зломисленици на државата и сл. Ме уапсија. Таму го најдов архиерејскиот намесник, Лука Џеров, двајца од градските учители, двајца селани од работниците, меѓу кои и Атанас од Порече, виден селанец, бивш србоман, потоа егзархист - вкупно 9-10 души. Во кичевскиот затвор седев 8 месеци - до 22 мај 1901, а потоа уште 6 месеци - до 30 октомври 1901 во Битола.

Нe ослободија со по 100 лири поткуп, дадени на судиите. Сите 100 лири ги сакаше кајмакамот. Тој мислеше дека можеме да дадеме и повеќе, дека сме добивале многу пари од некаков „руски" комитет. Тој викаше дека тука има прст од московјанинот, зашто располагаме со пари. Ние во затворот се храневме од гостилницата. И си плаќавме. Тоа оставаше впечаток. Нас нe поддржуваа од многу страни, главно учителите, кои редовно си добиваа плата. Во кичевскиот затвор во едно подземје - 2 метра широко и 4-5 метри долго - бевме 16 души, без кревети. Низ една дупка ни даваа храна. а низ две дупки доаѓаше светлина. Под душемето на затворот минуваше каналот од нужникот, па идеше силна смрдеа. Рогозините, метлите, постелнината - сето тоа беше наше. Меѓу нас ставаа Арнаути. Во Битола затворот беше многу подобар, таму веќе се сметавме за полуслободни. Владиката веќе бил кај валијата па се забрза работата која кичевскиот кајмакам ја криеше.

Нe судеа околу пет пати и нe оправдуваа со рушвет. Мене ме осудија на една година во која се сметаше и поминатото време во затворот од 14 месеци, така што по 10 дена ме ослободија.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина