Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Виничка афера

Името на с.Виница, Кочанско, грмна кон крајот на 1897 година по целата земја и стана синоним на ѕверства и сквернавење на човечкото достоинство.

На 14 ноември 1897 година една разбојничка чета, составена од 26 луѓе и водена од Коте Голчев од Берово минува од Бугарија и располагајќи со јатаци во Виница, влегува по полноќ во селото, го убива месниот богат Турчин Ќазим-ага и еден полјак, и крадат од неговиот дом околу 800 лири. По убиството четата ја мина границата и се скри во Бугарија. Полјакот беше работник на Организацијата. И, токму тоа убиство стана причина да се расплете и развие страшната Виничка афера. Другиот ден кочанскиот кајмакам се појавува со стражари и војска во Виница, ги подложува селаните на ќотек и ги откри соучесниците на бандата, осум души, меѓу нив и раководителот на комитетот, Георги Иванов, син на виничкиот кмет. Фатена беше жената на убиениот, кога го виде мртов својот маж, мислејќи дека е тој убиен од Организацијата, со солзи во очите појде кај командирот на војската и му соопшти, за инат на Организацијата, дека во нејзината куќа има и складирани комитски пушки.

Наоѓајќи ги посочените пушки, кајмакамот ги претресува и другите куќи и открива: пеесетина пушки, дваесетина бомби, неколку сандуци со патрони и малку барут.

Интересот на власта за извршеното вообичаено убиство го снема – дотолку повеќе, што авторите и соучесниците веќе беа пронајдени – и се осредоточија на откриената конспирација. Скопскиот валија Хафуз паша, познат по својата омраза кон бугарите, си постави за задача да ги открие сите нишки на заговорот. По заповед директно од Илдаза, пак беше назначен да ја води истрагата полицаецот Дервиш ефенди. Тој ги стави во дејство сите познати инквизициони методи, но не сите измачувани се покажаа Доневци. Откривањата набрзо ги опфатија повеќе или помалку и соседните кази: Штипска, Кратовска, Паланмечка, Радовишка, Кумановска, Малешевска и дојдоа дури до Скопје. Мноштво од организационите првенци по селата и градските раководители беа поапсени и ги почуствуваа ужасите на инквизицијата, други пак успеаја да побегнат.

Човечките жртви и страдања, коишто ја чинат Виничката афера во засегнатите кази, по суштина и по размер ги надминаа сите очекувања. Се набројуваат: 218 убиени, тепани и измачувани (5 убиени, 5 умрени од мачење, 111 тепани, 85 измачувани, 13 жени и мажи обесчестени); затворени во казалиските затвори и во Скопје 528; побегнати во Бугарија 300. Поголемиот дел од сите категории на пострадани се селани-земјоделци. Процентно меѓутоа настрадаа повеќе другите сталежи: еснафи, трговци, учители и свештеници. Така, имаше измачувани 27 учители и 13 свештеници; заточени 30 учители и 12 духовни лица; 3 управници на училишта; 10 избегани учители и 11 свештеници.

Од интелигентните луѓе најтрагично заврши учителот Јосиф Даскалов, кратовски раководител. Најнечовечки измачуван, горен со усвитено железо во устата и во anus-от, Даскалов се решава на еден безумен дрзок подвиг: ги заведува своите мачители на една карпеста стрмнина, за да им го посочи божем складираното оружје и се фрла од таму во амбисот. Тој закал да го повлечи со себе и Турчинот кој го придружувал, но не успеа: сам се струполи одгоре во амбисот, но за чудо, остана жив.

Ужасите продолжија близу 2 месеци. Мноштво од нив не издржаа и во своето очајување по нешто искажаа, но многу од нив храбро ги издржаа со цврстината на првите христијани.


Во „Мемоарите“ на Внатрешната организација се дава претстава за методите кои ги применуваа инквизиторите:

Во с.Виница, Кочанско: учителот Црвенков-Елеков беше жестоко измачуван и обесчестен; главата на селскиот кмет Иван Петров беше стегана со влажни јажиња; селанецот Христо Грнчарот 24 часа беше држан да виси надолу со главата и е тепан по градите; младиот Ампо Захариев умре од жестоки измачувања; војници, во едно оризово поле ги убија Атанас Петков, Григор Медлинин и двата работници од с.Галичник (Дебарско); обесчестени беа Катарина Митева (од чаушот на Дервиш ефенди и еден војник), Марија Порушова и Гина Иванова.

Поп Никола од с.Зрновци (Кочанско), е бесен со главата надолу и држан во таква состојба цели 3 часа; држан е неколку часа во смрзната вода, горен е со железо по телото и anus-от и др. Тасо Мишев од истото село е бесен со главата надолу и горен со железо по телото.

Учителот од с.Панчево (Кочанско) Алекс. Беличев е мачен со забивање спици под ноктите и долго време држан над оган.

Коце Захариев од Кочани е држан неколку часа со голи нозе под силно вжештена печка.

Учителот од с.Дадини (Радовишко) Хр.Георгиев е тепан пет вечери по ред, бесен е со главата надолу и јазикот му е фаќан со вжештена маша. Во истото село се обесчестени: Спасена Георгиева и момите: Катерина Јанева и Зоја Илиева. И првите две умреа од преголемо насилство.

Познатите Кара Тасе, Пане Пиштоло, Васил Лската, Ѓошо Икономски и Коце Бакалчето – сите родум од Штип, откако добија по 40 камшици и преку 24 часа беа држани на по една нога и тепани. Васил Лската умре од жестоките измачувања.

Свштеникот поп Димко од с.Свети Николе (Штипско) беше обесчестен од војници.

Младиот свештеник Ананиј од с.Кокошине (Кумановско) беше тепан по нозете и горен по стомакот со усвитено железо; учителот од истото село Арсениј Николов е тепан по нозете и горен со усвитено железо по задникот и десната нога.

Учителот во Кратово Јосиф Даскалов е жестоко измачуван, горен со железо во устата и anus-от.

<<Назад | Почеток